Митовите се општествен феномен кој лесно се шири и опстојува со векови, иако најчесто нема никаква врска со реалноста. Луѓето растат опкружени со разни заблуди, особено кога станува збор за домашните миленици. Кај кучињата, многу неосновани тврдења со повторување станале општоприфатени, пренесува „Pethelpful“.
Затоа ветеринарот д-р Адам Кристман одлучил да ги разбие најчестите митови што секојдневно ги слуша во својата практика. На својот популарен профил на „TikTok“ објави видео во кое објаснува осум најраспространети заблуди за кучињата. Иако нагласува дека за секој здравствен проблем треба да се консултирате со ветеринар, овој едукативен видео-клип е потсетник дека не треба да веруваме на сè што ќе чуеме, пишува „Index.hr“.
Осум вообичаени митови за кучињата
Еден од најпознатите митови што д-р Кристман ги разобличува е дека кучето е болно ако има топол и сув нос. Тоа не е вистина – температурата на кучешкиот нос природно се менува во текот на денот. Многу поважно е да се набљудува однесувањето на кучето, бидејќи тоа често открива како навистина се чувствува.
Друг чест мит е дека лукот ги одбива болвите и крлежите. Вистината е спротивна – лукот е токсичен за кучињата и може да предизвика сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи анемија.
@dr.adam_christman 8 Common Dog Myths That I Hear All The Time. Learn the facts! #vettok #doghealth #dogtips #dogoftiktok #dachshund ♬ Acoustic Guitar StoryTelling - Max Brito
Ветеринарот се осврна и на верувањето дека постојат „хипоалергени“ раси на кучиња. Иако некои раси помалку, сите кучиња произведуваат алергени, па затоа ниту една раса не е целосно безбедна за луѓето склони на алергии.
Дополнително, погрешно е мислењето дека по основните вакцинации во младоста, кучето повеќе нема потреба од бустер-дози. Редовните вакцинации се неопходни за заштита од сериозни болести како беснило и парвовироза.
Меѓу митовите што ги спомена е и тврдењето дека устата на кучето е почиста од човечката. Тоа едноставно не е точно – кучешките усти можат да содржат голем број бактерии. Слично на тоа, познатата изрека дека „една кучешка година е како седум човечки години“ е исто така неточна. Стареењето кај кучињата зависи од нивната големина и раса, па оваа формула не може да се примени универзално.
Ветеринарот ја разоткри и заблудата дека кучето не чувствува болка ако не завива. Кучињата често ја кријат својата болка, а знаците на непријатност можат да бидат суптилни – промени во однесувањето, недостаток на апетит или повлекување.
На крај, се осврна на познатата изрека дека „старо куче не може да научи нови трикови“, на што одговори: „Секако дека може, само треба трпение и вложен труд“.
Видеото на д-р Кристман не само што ги разобличува погрешните сфаќања, туку ги поттикнува сопствениците на кучиња да размислуваат критички и да поставуваат прашања. Додека митовите може да бидат интересни или забавни, кога станува збор за здравјето на нашите миленици – единствено важна е вистината.