Еден гостин на ресторан останал во шок кога на својата сметка видел ставка што никој не ја очекувал – ресторанот му наплатил „надомест за тишина“, и тоа само затоа што во моментот на неговата вечера локалот бил празен.
Своето искуство го споделил на Редит, објаснувајќи дека за првпат решил да посети мал локал што му се чинел како мирно место за оброк. Она што на почетокот изгледало како предност, се претворило во непријатно изненадување.
„На крајот од оброкот ја проверувам сметката и гледам дополнителни 20% пред бакшишот, означени како ‘надомест за тишина“, напишал во објавата.
Објаснувањето го шокирало
На почетокот помислил дека станува збор за грешка, па го повикал келнерот. Но, вработениот, видно нелагоден, му ја пренел пораката од управата. „Велат дека кога нема гужва, вие го имате целиот ресторан за себе. Тоа е како да летате со приватен, а не со комерцијален лет“, прераскажал гостинот што му рекол келнерот.
Charged a “Quiet Time Surcharge” because the restaurant wasn’t busy
byu/michalwalks inEndTipping
Таквото објаснување го оставило без зборови. „Морав да се насмеам и да прашам – се шегувате ли? Не го 'изнајмив ресторанот', само сакав да вечерам. Дури и има помалку работа за персоналот кога локалот е празен“.
Лавина од реакции на интернет
Објавата предизвикала бурни коментари. Многу корисници порачале дека ваквата пракса е чиста алчност и дека сметката треба да се одбие да се плати. „Сите скриени надомести се незаконски. Јас би одбила да платам додека не го отстранат тоа од сметката“, напишала една корисничка.
Друг коментирал дека рестораните во потивките часови обично нудат попусти, а не дополнителни трошоци. „Да се наплаќа повеќе затоа што ресторанот е празен е едноставно бесмислено. Ако гостинот не е однапред предупреден, тешко дека тоа е легално“.
Некои ја свртеле целата ситуација на шега. „Ако ресторанот во тој момент бил само мој, како да сум го изнајмил за приватна вечера, тогаш би се опуштил – би ги собул чевлите и би останал уште подолго“, напишал еден корисник.