Во срцето на Јапонија постои ресторан кој ги брише границите меѓу услугата и сочувството. Неговото име е „The Restaurant of Mistaken Orders“, и веднаш по влегувањето јасно ви е дека ова место не е како другите.
Имено, персоналот на овој необичен ресторан го сочинуваат лица кои живеат со различни облици на деменција, а целиот концепт се заснова на една важна порака – човечноста над совршенството.
Од предрасуди до идеја која го менува општеството
Иницијатор на оваа идеја е Широ Огуни, јапонски новинар и продуцент, кој ја добил инспирацијата по посетата на еден дом за стари лица со деменција.
„И самиот имав предрасуди, ги замислував како заборавни и изгубени луѓе. А потоа видов дека тие можат да готват, да чистат, да перат алишта, да одат во шопинг. Понекогаш малку скршнуваат од патот, но тоа е сѐ“, објаснил Огуни во разговорот за „JapanGov“.
Неговото искуство го променил начинот на кој гледа на луѓето со оваа дијагноза - не како на товар, туку како на активни членови на заедницата кои сѐ уште можат многу да понудат.
Не знаеш што си нарачал додека не стигне на масата
Во овој ресторан, кога ќе нарачате јадење, нема гаранција дека токму тоа ќе стигне. Но тоа е и поентата. Атмосферата е опуштена, полна со насмевки и разбирање.
Огуни се сеќава на еден личен пример:
„Нарачав плескавица, а добив чинија со „гјоза“ кнедли. Наместо да се налутам, се насмеав и помислив: ‘Зошто да правам проблем? Па тоа е само храна’“.
Таквиот пристап создава сосема поинаква култура на консумирање оброци - каде што е поважна човечката интеракција од точноста на нарачката.
Мали грешки, големи лекции
Грешките овде не се критикуваат, туку ги спојуваат луѓето. Се случува келнерот да ја заборави нарачката, кафето да дојде со сламка, или персоналот наместо да послужува, да седне на масата со гостите. И никој не се буни.
„Радоста е заедничка, а грешките стануваат повод за поврзување“, додава Огуни.
Затоа гостите не доаѓаат само поради храната, туку и поради непроценливото искуство, лекцијата за толеранција, емпатија и човечност.
Самодоверба преку служењето
Ресторанот е многу повеќе од место за оброк - тоа е простор во кој вработените повторно го откриваат своето чувство на вредност.
„Чувствувам дека сѐ уште можам нешто да направам. Ова ми ја врати самодовербата“, често истакнуваат членовите на персоналот.
Топлата страна на Јапонија
За Огуни, овој проект е многу повеќе од уникатен ресторански концепт. Тоа е визија за едно подобро, поемпатично општество.
„Ако општеството научи да биде толерантно, може да се справи со скоро сите проблеми“.
Тој својата идеја не ја нарекува само „Cool Japan“, туку ја нарекува и „Warm Japan“ што значи земја на топлина, каде што луѓето се враќаат дома со насмевка, бидејќи за кратко биле дел од заедница која гради мостови, а не ѕидови.