Природниот феномен во Јужна Кореја, познат како „Чудото на Џиндо“, се случува само двапати годишно. Тогаш морето се „раздвојува“ на околу еден час, а сцената потсетува на библиската, пренесува „RTS“.
Двапати годишно – околу пролетната и есенската рамноденица – морето во Јужна Кореја се „отвора“ и за околу еден час открива привремен копнен мост, долг речиси 2,8 километри и широк од 40 до 60 метри, кој ги поврзува островот Џиндо и помалиот остров Модо.
Во тој период, морето буквално се повлекува од двете страни и илјадници луѓе можат пеш да преминат меѓу двата острови. Настанот секоја година се слави како Фестивал на чудото на морскиот пат Џиндо, со традиционални претстави и прослави.
Реткиот природен феномен привлекува илјадници љубопитни посетители од целиот свет. За време на овој краток временски интервал, поради специфични морски струи и геолошки движења, морето се раздвојува и се појавува песочна патека, која брзо исчезнува кога морето повторно се враќа – како ништо да не се случило.
Морето мистериозно се „отвора“ само еден час
Настанот првпат го привлече вниманието на светската јавност во 1975 година, кога тогашниот француски амбасадор во Јужна Кореја, Пјер Ланди, за француските медиуми ја опиша појавата како „корејска верзија на чудото на Мојсеј“, алудирајќи на библиското раздвојување на Црвеното Море.
Феноменот денес е познат како Чудото на Џиндо, иако станува збор за целосно природна појава – резултат на екстремно ниска осека поради комбинација од лунарниот циклус, географската положба и морските струи.
Научно објаснување за Чудото на Џиндо
Науката нуди едноставно и рационално објаснување – феноменот е предизвикан од екстремно ниски осеки, резултат на појава позната како плимни хармоники.
Гравитациското влијание на Месечината и Сонцето врз океанската површина предизвикува промени на нивото на морето – високи и ниски плими. Освен нивната позиција, влијаат и други фактори, како ротацијата на Земјата, меѓусебното растојание на небесните тела и други ритмични обрасци, кои заедно доведуваат до појава на исклучително ниски осеки што ја „откриваат“ оваа патека.
Како што објаснува професорката по геонауки на Универзитетот во Тексас, Остин, Кеван Мофет, станува збор за синхронизација на повеќе различни „хармонични“ фактори.
„Исто како кога повеќе тапанари свират во речиси ист ритам – во еден момент сите ќе удираат во истиот такт и ќе создадат силен удар“, вели таа.
Во случајот со Џиндо, морето всушност не се „раздвојува“, туку се повлекува, откривајќи подводен гребен широк од 40 до 60 метри. Мофет смета дека токму специфичните морски струи меѓу двата острова предизвикуваат таложење на седимент на тоа место.
Сè додека формата на островите и теснецот Мјонгњанг, кој го регулира нивото на плимата, не се променат, овој феномен најверојатно ќе продолжи да се случува секоја година.
Што вели легендата?
Настанот е длабоко вкоренет во локалната легенда, според која некогаш одамна, тигар ги натерал жителите да избегаат од Џиндо кон Модо. Но тие заборавиле една старица по име Бјонг.
Таа со денови се молела на богот на морето, Јонгванг, да ѝ помогне. Тој ѝ се јавил во сон и ѝ ветил дека ќе ѝ испрати виножито преку морето. И навистина, кога се разбудила, водата се повлекла и пред неа се појавила патека во форма на виножито – патот за повторно обединување со нејзиното семејство.