Забрзани улици, гужва, илјадници луѓе кои брзаат на работа, од работа, на состаноци… Околу нив нема ниту една корпа за отпадоци, но нема ниту една фрлена хартија на подот. Како е тоа можно?
Се работи, секако, за Јапонија, земја во која класичните канти за отпад на јавни места практично не постојат, а сепак е една од најчистите земји во светот и на улиците скоро и да не може да се види ниту еден фрлен отпадок. Зошто во Јапонија нема корпи за ѓубре на улиците? Одговорот е поврзан со еден настан од минатото, но и со чувството на лична одговорност што владее во таа земја…
Хартијата од ручек или шолјата од кафе ги чуваат во џебот или чантата до дома и канцеларија
Ако жител на, на пример, Токио, на улица испие кафе за понесување, ќе ја чува својата смачкана чаша во чантата или во џебот. Хартијата од ручекот, исто така, ја сметаат за своја одговорност и ќе ја фрлат кога ќе дојдат дома или во канцеларија. Иако немаат можност да фрлат отпад секои неколку чекори, како што ние имаме, тие не го оставаат отпадот по улиците, парковите и јавните површини.
Интересно е и тоа што голем број туристи — се разбира, не сите — често ја прифаќаат оваа навика, иако во своите земји неретко се однесуваат сосема поинаку. Во едно истражување на јапонската туристичка организација, посетителите го истакнале недостатокот на канти за отпад како еден од најпредизвикувачките делови од патувањето, пишува „CNN“, а проблемот со отпадот што го оставаат туристите имаат некои дестинации, како што е градчето и паркот Нара, каде што живеат повеќе од 1.400 елени.
Зошто во Јапонија нема канти за ѓубре на улиците? Сè започнало по терористичкиот напад во 1995 година
Сè започнало во деведесеттите години. Дотогаш, како и секаде низ светот, кантите биле вообичаена работа и во Јапонија. Но, по терористичкиот напад во Токио во 1995 година, кога експлозивна направа била оставена токму во канта за ѓубре, властите — од претпазливост — го отстраниле поголемиот дел од јавните канти, особено оние на железничките станици и прометни точки.
Јапонците го прифатиле ова и мерката на претпазливост со текот на времето станала нова општествена норма. Како што функционирал животот без јавни канти за отпадоци, кантите никогаш не биле вратени на своите првобитни места. Жителите на Јапонија едноставно прифатиле дека нивниот отпад е нивна одговорност.
Лична одговорност и грижа за заедничкиот простор
Причината зошто овој експеримент успеал е тесно поврзана со јапонската култура која силно нагласува лична одговорност и грижа за заедничкиот простор. Ако купат пијалак во продавница, амбалажата ќе ја фрлат во контејнерот за рециклирање на влезот или ќе ја однесат дома и ќе ја фрлат во својот домашен отпад. Отпадот што го произведуваат, веруваат тука, е нивна одговорност до крај.
Напреден систем за рециклирање: Одвоени се дури и шишиња со различни бои
Додека во Македонија сè уште се бориме со улиците полни ѓубре, полните контејнери итд, сметаме дека нечија друга обврска е да собира ѓубре зад нас, во Јапонија системот за одвојување отпад е исклучително детализиран и функционален. Некои градови имаат можност да одвојуваат дури десет различни категории отпад — од пластична амбалажа, хартија и алуминиум до стакло од различни бои.
Чистотата и одржувањето на заедничкиот простор не е одговорност на некој друг
Ред, дисциплина и почитување на заедничкиот простор длабоко се вкоренети во јапонското општество. Сите сме гледале сцени по натпревари кога јапонските навивачи сами ги чистат трибините пред да си одат. Чистотата и одржувањето на истата не го сметаат како работа на некој друг, туку како заедничка обврска на целото општество. И не им требаат институции да им наметнуваат правила, да собираат зад нив и да се грижат за тоа средината во која живеат да биде чиста и пријатна.