Баба Роса одамна ја прешла седмата деценија, но наместо, како нејзините врснички, да седи дома и да гледа телевизија, таа сè уште управува со својата „друмска крстарица“ тешка 40 тони.
Росвита „баба Роса“ Хелмут-Гамбергер има 76 години и сè уште седи зад воланот на камион тежок 40 тони. Повеќе од четири децении вози по патиштата на Германија и Европа, а денес е позната како најстарата активна возачка на камион во земјата.
За баба Роса секој ден почнува во 7 часот наутро, на паркинзите за камиони, со шолја кафе.
„Без кафе ништо не функционира. Без него не можам ни до рампата да се одвезам“, вели низ смеа.
Die Stimme des Volkes! Rosi, 75, Truckerfahrerin und sympathische Fränkin, sagt in der @ronzheimer Doku klipp und klar, was sie von Scholz hält – und wen sie wählt. Ehrlich, direkt, ungeschönt 🚚 pic.twitter.com/4r7HWUjDTB
— Anna Nina (@annaninii) February 10, 2025
Седмично поминува помеѓу 2.000 и 2.500 километри и признава дека животот на патот за неа всушност е одмор.
„За мене тоа е смирувачко. Сè што е лошо оставам надвор од патот. Тоа ми е одмор“, истакнува возачката.
Кариерата ја започнала во осумдесеттите
Роса ја започнала возачката кариера на почетокот на 80-тите, во време кога жените скоро и не добивале шанса за работа во транспортот.
„Никој не сакаше да ме вработи во Германија“, се присетува таа.
Првата шанса ја добила во една австриска компанија, потоа возела за американската армија и десет години работела во Шпанија.
Во текот на кариерата поминала милиони километри – од Акропол до Јордан. Денес живее во Хунделсхаузен во округот Вера-Мајснер, но најголемиот дел од времето сè уште го минува на пат.
Случки од патот
За четири децении собрала многу приказни. Неодамна ја „пресретнал“ училиштен автобус: „Децата прво ми мавтаа, а потоа почнаа да покажуваат непримерни работи.“
Сепак, најнезаборавно искуство за неа останува возењето до Јордан.
„За нив бев вистинско осмо светско чудо. Да налетав на пет камили, мојот шеф ќе ме продадеше“, раскажува шегувајќи се.
Не сака сè уште да се пензионира
Иако нејзината пензија изнесува околу 1.000 евра, поради што сè уште работи, баба Роса нагласува дека не размислува за повлекување. Успешно ги поминала сите лекарски прегледи, а не ја плаши ниту планираната операција на колкот оваа зима.
„На пролет повторно имам намера да бидам на патиштата“, решително вели.
Од првите обиди да ја примат на работа па до статусот на најстара возачка на камион во Германија, баба Роса останала верна на патиштата и слободата што ѝ ја дава нејзиниот камион од 40 тони.