Видео за животот во СФРЈ пробуди носталгија кај многумина: „Работникот во тоа време беше господин, а сега е роб и слуга“

Точка

20/09/2025

18:16

2.746

Големина на фонт

а а а

Да се биде работник во поранешна Југославија значеше да се има нешто што денес многумина го препознаваат како привилегија – сигурност.

Сигурно работно место, плата од која може да се живее, стан кој често го доделуваше фирмата, бесплатно здравство и образование за децата.

Овие се предностите на СФРЈ кои се истакнуваат во видеото објавено на ТикТок.


Работното време, како што се наведува, траело 8 часа, а по работа луѓето ги чекаа културно-уметничките друштва, спортските клубови и дружењата. Фабриките имаа свои одморалишта на Јадранот и планините, па дури и „обичниот работник“ можел да летува или зимува со семејството. Немало луксуз, но било доволно.

Секако, не било сè идеално. Кон крајот на 80-те години дојде инфлацијата, недостиг на масло, кафе и детергенти. На хартија, работничкото самоуправување им даваше на работниците глас во одлучувањето, но во пракса тој глас често не се слушаше. Сепак, носталгијата по тоа време и денес не стивнува.

Многумина се сеќаваат на сигурноста што постоеше – се знаеше дека од платата можеше да се плати кирија, сметки и да остане за летување. Се знаеше дека секое дете ќе добие бесплатно образование и дека семејството ќе има здравствена заштита. Дури и социјалните собирања беа поинакви – по смена работниците одеа на игранки, натпревари, проби на хорови и фолклор, што создаваше чувство на заедништво.


Југословенскиот пасош ги отвораше вратите и на Истокот и на Западот – реткост во тогашниот социјалистички свет. Се патуваше во Трст по фармерки и кафе, во Грција и Хрватска на море, во Виена на шопинг. Тоа создаваше чувство на слобода и отвореност кое денес често се истакнува како посебен дух на времето.

Многу луѓе од поранешна Југославија и денес копнеат по тоа време, а под видеото бројни коментари го потврдуваат тоа: „Работникот тогаш беше господин, а сега е роб и слуга“, „Ех да нѝ е сега времето на Тито. Тогаш се живееше. Имавме сè!“, „Тогаш животот беше без грижи. Никогаш не беше сè совршено, но во споредба со денес, тоа беше рај“.

Меѓутоа, има и поинакви мислења:

„А што е со ликвидациите на политичките противници, слободата на говор и другите човекови права, корупцијата?!“, прашал еден, а друг додал:

„Не е сè точно кажано. И во тој систем постоеше разлика меѓу работниците. Имаше и богати, но и сиромашни – исто како и денес. Тешко беше да се најде работа, а и кога ќе се вработиш, мораше да се докажуваш“.


„Единствена предност беше тоа што како работник беше заштитен од синдикат. Имаше редовна плата и зголемување, регрес за одмор. Сабота и недела не се работеше, а становите ги добиваа работници кои со години беа во работен однос“, гласи уште еден коментар.

И покрај спротивставените мислења, доминантна е идејата дека во времето на СФРЈ немавме многу, но имавме сигурност и достоинство.

А токму тоа чувство – дека работникот е важен и дека системот се грижи за него – е она што денес најмногу се памети и со тага се спомнува.