Туристите ја избегнуваат скапата Турција

Точка

27/08/2025

18:14

1.501

Големина на фонт

а а а

Во годините по завршувањето на пандемијата со коронавирусот, туризмот во Турција доживеа вистински „бум“, пишува германскиот весник „Frankfurter Allgemeine Zeitung“. Милиони Германци, Британци, Холанѓани и Полјаци ја избираа токму Турција како дестинација за својот одмор.

Но Анкара, како што се наведува, по почетокот на руската агресија врз Украина, ги остави отворени вратите и за милиони Руси кои веќе не можеа слободно да патуваат во други земји.

Сепак, оваа сезона турскиот туризам е во криза. Германскиот весник наведува дека во јули бројот на гости опаднал – според официјалните податоци за дури пет проценти: „Особено платежно способните Германци и Британци побараа други дестинации или едноставно останаа дома.“ Авторот на текстот, Андреас Мим, оценува дека тоа може да има непријатни последици за целата турска национална економија.


Турците летуваат во Грција

Турција, како што се нагласува, уште минатата година почна да го губи чекорот со другите туристички дестинации – на многумина им стана едноставно прескапа:

„Десетици илјади Турци поради тоа го минаа одморот на грчките острови. Во меѓувреме, и на меѓународно ниво се прочу за повисоките цени. Во земјата и понатаму владее висока инфлација од 33,5 проценти, високите каматни стапки дополнително ја оптоваруваат економијата, а реалното зајакнување на курсот на турската лира ја ослаби конкурентноста на извозната индустрија,“ пишува новинарот на франкфуртскиот весник.

Цените во услужниот сектор во последниот период пораснаа за 50 проценти – што, иако е најмалиот раст од средината на 2022 година, сепак претставува значително зголемување на трошоците за турската туристичка индустрија.

Туризмот е една од најважните стопански гранки во Турција. На него отпаѓа околу 10 проценти од националниот БДП, а вработува околу пет проценти од работната сила во земјата. Поедноставено кажано: колку е полошо состојбата во туризмот, толку е послаба и турската економија.


Пад на бројот на странски туристи

Според податоците на Министерството за култура и туризам, во јули оваа година Турција ја посетиле 6,97 милиони туристи. Најмногубројни биле Германците: 981.000, што е за околу 55.000 помалку од минатата година. Потоа следуваат Русите (954.000), Британците (597.000), Полјаците (329.000) и Холанѓаните (260.000). Севкупно тоа е пет проценти помалку во споредба со истиот месец во 2024 година.

Од почетокот на годината Турција ја посетиле 28,4 милиони гости – што е за 2,1 процент помалку во однос на истиот период минатата година (29 милиони). Министерот за туризам Мехмет Ерсој за оваа година постави цел од 65 милиони туристи – односно приход од 64 милијарди долари.

Но, хотелите во Аланија, популарна дестинација на околу 130 километри источно од Анталија, не се задоволни од бројот на резервации. Очекувањата за есента се нешто подобри.

Како главна причина за падот на бројот на туристи се наведуваат „прекумерните“ цени, особено во рестораните, пишува германскиот весник: „Агенцијата Bloomberg цитира еден туристички менаџер од Мармарис: ’Кога на гостите за неколку ќофтиња им се наплаќа 35 долари, а пица чини 20 долари, тоа има ефект врз целата бранша, па и врз целата земја‘.“ „Frankfurter Allgemeine“ додава дека истиот менаџер бара официјални контроли на цените во туристичките центри.

Други експерти, како што наведува весникот, сметаат дека намалувањето на бројот на туристи сепак се должи и на глобалните економски проблеми и геополитичките несигурности. „Frankfurter Allgemeine“ заклучува дека во турскиот туризам се повеќе се зборува и за тоа дека некои дестинации во Грција и Шпанија во меѓувреме станаа поевтини од Турција.