Ресторанот „Ла Попоте“ во Чешир, Англија, кој се гордее со препорака од Мишелин, претстави уникатно мени посветено исклучиво на вода, а цените на поединечни шишиња достигнуваат 19 фунти, или речиси 22 евра.
Ко-сопственикот на ресторанот, Џозеф Ролинс, се здружил со Доран Биндер, еден од само петте британски сомелиери специјализирани за вода, за да ја осмислат оваа извонредна понуда. Ла Попоте инаку е ресторан со француска висока кујна.
Идејата зад „мени за вода“
Ролинс ги објасни мотивите зад одлуката. „Само сакавме да понудиме нешто поинакво, а Доран е луд по вода… водата не е само вода“, рече тој, додавајќи дека потегот бил поттикнат од зголемениот интерес на гостите. „Доколку имаше некаква негативност зад тоа, немаше да го направиме ова“, нагласи тој. Исто така тој откри дека Биндер му го споменал концептот уште пред три години, но добил зелено светло дури претходно оваа година, по дегустацијата.
Биндер го развивал менито во последните седум месеци, а Ролинс истакна: „Постои широк опсег на цени, така што луѓето можат да пробаат нешто поразлично“.
Што се нуди?
Гостите можат да избираат меѓу седум премиум води од цела Европа – четири негазирани и три газирани. Цените се движат од 5 фунти (5,78 евра) за изворската вода „Crag Spring Water“ па сè до 19 фунти за шише португалска газирана вода „The Palace of Vidago“.
Поделени реакции
Новата понуда предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, со поделени мислења. Некои изразија неверица и критики. „Каков идиот би платил 19 фунти за шише вода? Смејте се и потсмевајте се, но ќе има неколку „хипстери“ доволно глупави за да го направат тоа! Манипулација со безумните богаташи? Секако така делува“, напиша еден читател.
Од друга страна, имаше и такви кои ја поздравија идејата. „Како личност што не пие алкохол, навистина е напорно кога јадете надвор и ви се нуди мени со алкохол како да се очекува да нарачате. Кога нарачувате безалкохолен пијалок или вода, честопати гледате детско мени или воопшто немате мени. Го поздравувам менито со вода“, напиша друга корисничка.
Некои коментари имаа и етичка нота. „Во каков ужасен свет живееме каде што на некои земји им недостасува чиста вода за пиење, а други увезуваат флаширана вода од странство за супербогатите да ги трошат парите на неа“, напиша еден читател, додека друг додаде: „Ако можете да си дозволите да платите 19 фунти за шише вода, ве молиме барем донирајте иста сума на организацијата Water Aid“.