Срцевите заболувања се сложен, но за жал чест проблем.
Иако дијагнозата не значи автоматски смртна пресуда, кардиолозите истакнуваат колку е важно да преземеме сè што можеме за да го намалиме ризикот.
„Клучно е да се фокусираме на факторите на ризик што можеме да ги промениме“, објаснува кардиологот д-р Ченг-Хан Чен за „Parade“.
Еден од најлесно променливите фактори е исхраната. Кардиолозите предупредуваат дека, покрај физичката активност, одржувањето на здрава тежина и избегнувањето на пушење, посебно внимание треба да посветиме на тоа што јадеме.
Токму затоа, експертите советуваат по 50-тата година да се ограничи консумирањето на една многу популарна протеинска намирница – говедскиот стек.
„Говедскиот стек е богат со заситени масти и може да го зголеми нивото на холестерол“, истакнува кардиологот д-р Супрети Бехурија.
Покаченото ниво на ЛДЛ холестерол го зголемува ризикот од таложење на плаки во артериите, што може да доведе до срцев и мозочен удар.
„Стекот, исто така, може да поттикне воспалителни процеси во организмот, со што дополнително се зголемува ризикот од срцеви заболувања“, додава д-р Чен.
Хроничните воспаленија се поврзани и со поголема веројатност за развој на дијабетес тип 2, кој е силно поврзан со кардиоваскуларни проблеми. Дополнително, масните парчиња црвено месо придонесуваат за зголемување на телесната тежина, што исто така е ризик-фактор за срцеви заболувања.
Сепак, експертите не тврдат дека стекот треба целосно да се исфрли од исхраната, пишува „Index“.
„Во ред е да се изеде повремено, на пример за некоја посебна прилика, но не треба да биде дел од редовната исхрана“, нагласува д-р Бехурија.
За секојдневната исхрана, кардиолозите препорачуваат поздрави извори на протеини, како што се рибата (особено лосос), гравот, леќата, грашокот и јаткастите плодови, бидејќи тие не содржат заситени масти, а богати се со растителни влакна и други хранливи материи важни за здравјето на срцето.