Сега е и официјално. Еден "Bugatti Veyron 16.4" стана највредниот примерок од својот модел продаден на аукција – со исклучок на ретките специјални изданија. Станува збор за модел од 2007 година, кој на аукцијата на "Bonhams", одржана за време на "Goodwood Festival of Speed 2025", постигна светски рекорд со цена од 1.802.000 евра.
Оваа сума е речиси двојно повисока од почетната проценка, која се движела околу 944.000 евра. Уште повпечатливо, автомобилот е продаден за 552.000 евра повеќе од неговата оригинална цена во 2005 година, и за 223.000 евра повеќе од еден од само трите постоечки "Veyron Grand Sport Vitesse Meo Costantini", продаден во 2020.
Не е лошо за еден „стандарден“ "Veyron" – иако таков автомобил речиси не може да се нарече стандарден. Сепак, износот е далеку од рекордните 3 милиони долари (околу 2,67 милиони евра) кои минатата година беа платени во Мајами за единствениот "Veyron Grand Sport ’Sang Bleu‘" од 2010 година.
Рекордер, но не и најскапиот автомобил во Гудвуд
Овој "Veyron" со шасија број 079 бил нарачан во декември 2006 и произведен според спецификација за 2008. Тој е еден од само 253 изработени купеа и од првиот ден имал само еден сопственик.
Не е изненадување што бил чуван како најскапоценото нешто – за сите овие години поминал само околу 770 километри. Каросеријата доаѓа во елегантна двобојна комбинација од металик кафеава (Mocha Brown) и боја на бело кафе (White Coffee), додека ентериерот е обложен со кожа во бои "Magnolia" и "Havana". Неутралниот избор на бои не изненадува, со оглед на тоа што автомобилот поголем дел од својот „живот“ го поминал во Швајцарија.
Иако постави рекорд за својот модел, овој "Veyron" не беше најскапиот автомобил продаден на "Bonhams" аукцијата во "Goodwood". Таа титула ја понесе еден од само 275 изработени "Mercedes-AMG One", кој беше продаден за неверојатни 2.899.000 евра.
Меѓу другите ѕвезди на аукцијата беа и "Mercedes-Benz 300 SL Roadster" од 1957, кој по 23 години реставрација достигна цена од околу 1.022.000 евра, и легендарната "Veilside Mazda RX-7 FD" од филмот „Брзи и бесни: Токио Дрифт“, продадена за 1.075.000 евра. Вкупната вредност на продадените возила на аукцијата надмина 12,2 милиони евра.
"Bugatti" што испиша историја
Денес автомобил со 1000 коњски сили не звучи толку неверојатно, но во далечната 1998 година идејата на тогашниот директор на "Volkswagen Group", Фердинанд Пиех, за создавање на такво чудовиште беше пречекана со скепса.
Но, моќта беше само дел од приказната. Планот вклучуваше и цена од еден милион долари (околу 890.000 евра) и максимална брзина над 400 km/h. За потсетување, тоа беше време кога 400 коњски сили се сметаа за екстремна моќност, а нов "Mercedes C-класа" можеше да се купи за околу 35.600 евра.
Сепак, визијата на Пиех почна да се реализира во октомври 1998 кога "Bugatti" на салонот во Париз го претстави концептот "EB118". По две години развој, "Veyron EB 16.4" беше подготвен за производство.
Името го доби во чест на основачот Еторе Бугати и возачот Пјер Вејрон, победник на "Le Mans" 1939. Означувањето 16.4 се однесува на монструозниот 16-цилиндричен мотор со четири турбини што го придвижува.