Тивко го убивате моторот секој ден, а да не сте ни свесни: Возењето во погрешна брзина го уништува автомобилот

Точка

15/07/2025

16:46

1.192

Големина на фонт

а а а

Како да го препознаете и избегнете „задушувањето“ на моторот – штетна навика која може сериозно да го оштети возилото.

Возењето автомобил со мануелен менувач за многумина е вистинско задоволство, но бара одредена вештина. Иако поискусните возачи знаат дека со правилно менување брзини може да се заштеди гориво, помалку искусните често прават грешка што може скапо да ги чини – го „задушуваат“ моторот.

Оваа наизглед безопасна навика непотребно го оптоварува моторот и со тек на време може да доведе до сериозни дефекти.

Што точно значи „задушување“ на моторот?

Едноставно кажано, до „задушување“ или преоптоварување на моторот доаѓа кога се обидувате нагло да забрзате во преголема брзина, при што вртежите на моторот се прениски.

Класичен пример: возење со 50 км/ч во петта брзина, и наместо да префрлите во пониска, вие само го притискате гасот до крај.

Иако на почетниците може да им изгледа дека повисока брзина значи и поголема моќ, вистината е спротивна. Пониските брзини (прва, втора, трета) се задолжени за испорака на вртежен момент, кој е клучен за тргнување и ефикасно забрзување на возилото.

Од друга страна, повисоките брзини (петта или шеста) служат за одржување на веќе постигната брзина со минимална потрошувачка. Обидот за забрзување во тие брзини создава огромен и штетен притисок врз моторот.


Последици по моторот

Континуираното преоптоварување на моторот со тек на време остава последици врз неговите витални делови. Најчести оштетувања:

Оштетување на клиповите и цилиндрите

Поради прекумерно загревање, на ѕидовите на цилиндрите се насобира јаглерод. Жешките клипови и нивните прстени може да се „залепат“ за тие наслаги, што доведува до абење и трајна штета.

Губење на компресија

Кога клипните прстени се износени, повеќе не го запечатуваат цилиндарот. Вжештени гасови продираат покрај клипот во картерот, зголемувајќи го притисокот и температурата, што ја нарушува подмачканоста на моторот.

Контаминација на маслото

Гасовите во картерот може да се мешаат со влага, создавајќи киселини што нагризуваат метални делови. Влагата дополнително го влошува моторното масло, создава талог и поттикнува корозија.

Сето ова води кон скапи дефекти што можат лесно да се избегнат.


Како правилно да возите и да го заштитите моторот?

Добрата вест: решението е едноставно – усвојте здрави возачки навики. Доволно е да го „слушате“ својот автомобил и да знаете кога е вистинскиот момент за менување брзина:

За забрзување – користете пониски брзини

Ако сакате брзо да забрзате, секогаш префрлете во пониска брзина. Така моторот ќе работи во оптимален опсег и ќе испорача сила без напор.

Високите брзини се за одржување на брзина

Откако ќе ја достигнете посакуваната брзина, префрлете во повисока брзина (четврта, петта, шеста) за да ја одржувате со помала потрошувачка.

Приспособете ја брзината пред да забавите

Кога планирате да забавите или да застанете, прво полека кочете, па навремено префрлете во пониска брзина – секогаш бидете подготвени за повторно тргнување.

Со овие навики не само што ќе го заштитите моторот и ќе избегнете непотребни трошоци, туку ќе возите поефикасно и побезбедно.