Ќерката на Стив Џобс, Ив Џобс, која успешно се занимава со манекенство и јавање коњи, ја прослави својата моминска вечер со пријателките.
Најмладата ќерка на основачот на "Apple", Стив Џобс, ова лето стапува во брак. Во пресрет на свадбата, Ив Џобс (26) организираше моминска вечер на островот Капри во Италија. Таа ќе изговори „да“ во август, и тоа на британскиот олимписки шампион Хари Чарлс (25). Свадбата ќе се одржи во Котсволдс, а листата на гости е преполна со славни имиња.
Ив Џобс ja прослави моминската вечер со блиски пријателки, меѓу кои беше и Иден Мак, асистентка за креативен развој на "Apple TV+".
Прославата е вовед во гала-свадбата, а младоженецот е добро познат на љубителите на спортот – како член на британската репрезентација, освои злато на Олимписките игри во Париз 2024 година во дисциплината прескокнување пречки со коњи.
Ќерката на Стив Џобс и милијардерката Лорин Пауел Џобс, чијо богатство се проценува на 14,1 милијарда долари, се занимава со истата спортска дисциплина, а во нејзината манекенска кариера се издвојуваат кампања за "Louis Vuitton и настапи во списанието Vogue. Нејзиниот иден сопруг, Хари Чарлс, важи за еден од најдобрите натпреварувачи во светот во прескокнување пречки.
Кои се поканети на свадбата?
Се очекува на свадбата да присуствуваат ќерките на Бил и Мелинда Гејтс – Џенифер и Фиби, како и поранешната американска потпретседателка Камала Харис, која повеќе од 20 години е блиска пријателка на мајката на невестата.
Мајката на Ив Џобс, Лорин Пауел Џобс, ја поддржа кандидатурата на Камала Харис за претседателка на САД, но нејзината трка кон Белата куќа ја прекина Доналд Трамп, кој победи на изборите во ноември годинава.
На свадбата ќе присуствуваат и братот и сестрата на Ив – Рид Џобс (33) и Ерин Џобс (29), но сè уште не е познато дали покана добила и нејзината полусестра Лиса Бренан Џобс (47), писателка, која пред седум години откри дека татко ѝ Стив Џобс ја навредувал и тешко ја прифатил како своја ќерка.
Да потсетиме, технолошкиот гениј и креативен визионер Стив Џобс ги доби Ив, Ерин и Рид со сопругата Лорин Пауел Џобс, додека Лиса ја доби од врската со Крисан Бренан. Џобс почина во 2011 година од рак на панкреасот.
Ив Џобс се дружи и со Венди Денг, поранешната сопруга на медиумскиот магнат Руперт Мердок, како и со Лили Бафет, внука на милијардерот Ворен Бафет, па се претпоставува дека и тие ќе бидат дел од свадбата во Котсволдс.
Не би било изненадување доколку меѓу гостите бидат и принцезата Беатрис со сопругот Едоардо Мапели Моци. И младоженецот има бројни познати пријатели, исто како и неговиот татко, поранешниот спортист Питер Чарлс.
Ќе му оддаде ли Ив Џобс почит на татко ѝ?
Се претпоставува дека Ив ќе носи венчаница од познат дизајнер, а особено ги обожава моделите на Моли Годар и Дона Каран.
Многумина се надеваат дека ќе избере креација од славниот јапонски дизајнер Исеј Мијаке, кој беше омилен дизајнер на нејзиниот татко. Стив Џобс речиси секогаш носеше црна ролка со негов потпис. Исеј Мијаке почина во 2022 година.