Тим научници од Единбург разви техника за претворање пластичен отпад во парацетамол

Точка

24/06/2025

19:00

352

Големина на фонт

а а а

Тим научници од Универзитетот во Единбург, Шкотска разви пионерска техника за претворање на пластичен отпад во парацетамол со употреба на генетски модифицирани бактерии.

Ова откритие, кое беше објавено во списанието „Nature chemistry“, би можело да го револуционизира управувањето со отпад и одржливото производство на лекови.

Истражувањето покажало дека бактеријата ешерихија коли (E.coli), која често се користи во биотехнологијата, може да ја трансформира терефталната киселина, молекула создадена од пластични шишиња и кутии од полиетилен терефталат (PET), во активна состојка во популарните аналгетици и антипиретици.


Користејќи процес на ферментација сличен на оној кај производството на пиво, истражувачите успеале да ја извршат оваа конверзија за помалку од 24 часа со ефикасност од 90 проценти, што под оптимални услови може да достигне и 92 проценти.

Овој процес, спроведен на собна температура, создава минимални емисии на јаглерод, за разлика од вообичаениот индустриски метод, кој значително придонесува за климатските промени.

„Овој процес покажува дека ПЕТ пластиката не е само отпад или материјал за рециклирање, туку микроорганизмите можат да ја претворат во вредни производи, вклучително и лекови“, објасни раководителот на тимот Стивен Волас.


Секоја година се создава над 350 милиони тони пластичен отпад, а иако постојат методи за рециклирање, тие произведуваат големи енергетски и еколошки трошоци пренесе „20minutos“.

Истражувањето било финансирано од британската агенција „EPSRC“ и фармацевтската компанија „AstraZeneca“, со поддршка на центарот за трансфер на универзитетска технологија „Edinburgh Innovations“.

Иако оваа техника сè уште не е подготвена за индустриска примена, истражувачите веруваат дека означува почеток на нова ера во одржливото производство на лекови.