Светскиот фонд за заштита на природата (WWF), во својот извештај "Living Planet Report" – еден од најсеопфатните глобални извештаи за состојбата со биодиверзитетот на планетата – предупредува дека природата исчезнува со загрижувачка брзина. Овој извештај, што се објавува секои две години, се базира на голем број теренски истражувања спроведени низ целиот свет и овојпат носи драматични податоци за состојбата на популациите на диви животни.
Според најновите резултати, популациите на следените диви животни се намалиле во просек за 73 отсто помеѓу 1970 и 2020 година. Во Латинска Америка и на Карибите е регистриран уште поголем пад – дури 95 отсто, што укажува на речиси целосен колапс на локалните екосистеми.
Таквите загуби имаат огромни последици и по луѓето, предупредува "WWF". Со исчезнувањето на дивите животни исчезнува и самата природа. А колку повеќе губиме биодиверзитет и природни живеалишта, толку сме и самите поранливи. Природата ни ги обезбедува основните животни потреби – чиста вода, воздух, храна, па дури и лекови. Дополнително, шумите, океаните и другите екосистеми складираат огромни количини јаглерод диоксид, што е клучно во борбата против климатските промени.
„Фактите јасно укажуваат дека природата исчезнува со алармантна брзина“, се наведува во извештајот на "WWF". „Ризикот од исчезнување на многу видови расте, а здравите екосистеми би можеле засекогаш да бидат изгубени.“
Исчезнуваат шумите на Амазонија
Во извештајот од 2022 година, "WWF" го истакнува примерот на Амазонија – регион кој до 2021 година изгубил 17% од своите шуми. Доколку оваа бројка достигне 20%, можно е да се достигне таканаречената „точка на пресврт“, по која екосистемот веќе не може да се обнови, туку се трансформира во посува савана – со драстични последици врз климата и биодиверзитетот на целата планета.
Друг шокантен податок е дека во изминатите 50 години, бројот на слатководни видови се намалил за 83 отсто. Тоа ги вклучува рибите, водоземците и другите организми кои живеат во реки, езера и мочуришта – живеалишта кои важат за едни од најзагрозените во светот.
"WWF" апелира на итни глобални мерки – промени во начинот на производство и потрошувачка, зачувување на преостанатите природни живеалишта, како и инвестирање во обнова на оштетените екосистеми. Само така, велат од организацијата, можеме да обезбедиме иднина – и за дивиот свет, и за самите себе.