Со оглед на најновите настани поради американскиот напад на врз нуклеарните постројки на Иран и можната понатамошна ескалација на конфликтот, некако во сè повторно се вовлекува стравот од последиците од незамислива нуклеарна војна.
Во јули ќе се одбележи 80-годишнината од уништувањето на јапонските градови Хирошима и Нагасаки со атомски бомби за време на Втората светска војна, при што беа убиени повеќе од 200.000 цивили. Денес, нуклеарното оружје и понатаму претставува глобална закана, а во светот сè уште постојат повеќе од 12.200 нуклеарни боеви глави, според податоците на американскиот Билтен на нуклеарни научници, познат на пошироката јавност по чувањето на времето на таканаречениот часовник на судниот ден (англ. „Doomsday Clock“). Но, што би се случило доколку една од нив експлодира утре и која би била безбедна оддалеченост од непосредните последици на таквата експлозија?
Како најдобар потсетник го истакнуваме едукативното видео од 2017 година на YouTube каналот „AsapSCIENCE“, во кое се објаснува што би се случило доколку експлодира нуклеарна бомба со јачина од 1 мегатон. Иако е хипотетичко, видеото детално ја опишува секоја фаза на уништување, потпирајќи се на научно рецензирани студии и историски податоци.
Топлинско зрачење: светлина и топлина убиваат први
Приближно 35 % од енергијата на нуклеарната експлозија се ослободува во форма на топлинско зрачење. Тоа патува со брзината на светлината, што значи дека првиот ефект би бил заслепувачки блесок и екстремна топлина. Самиот блесок може да предизвика слепило, односно привремено губење на видот кај луѓе оддалечени до 21 километар од нултата точка во јасен ден и до 85 километри во ноќни услови.
Белата облека донекаде штити од таа екстремна топлина, одбивајќи дел од топлинската енергија, додека темната ткаенина ја апсорбира. Сепак, оддалеченоста е клучна, бидејќи изгореници од прв степен се веројатни во радиус од 11 километри, а изгореници од трет степен, кои го уништуваат ткивото на кожата и бараат итна медицинска интервенција, може да се појават до 8 километри од местото на ударот. Без моментална нега, изгореници што зафаќаат повеќе од 24 % од телото често се смртоносни.
Страшен ефект и разурнување
Во центарот на експлозијата температурата достигнува околу 100 милиони Целзиусови степени – пет пати повеќе од јадрото на Сонцето. Секој што би се нашол во непосредна близина на експлозијата едноставно би „испарил“ и бил сведен на елементарен јаглерод.
Притисочниот бран што следи е речиси еднакво смртоносен. Воздухот се шири со огромна сила и руши сè пред себе. На оддалеченост од 6 километри, ветровите достигнуваат брзина од 255 км/ч, а ударниот притисок е доволен за сериозно оштетување или уривање на двокатни згради. На само еден километар, ветровите достигнуваат 756 км/ч, а ударниот притисок е четири пати поголем.
Иако човечкото тело технички може да поднесе таков притисок, повеќето луѓе би загинале под урнатини. Масовните жртви би биле резултат на повреди од налет на материјали, внатрешни трауми и уривање на објекти.
Радиоактивност и долгорочни последици
Во спомнатото видео се нагласува дека експлозиите на ниво на земја се многу полоши од воздушните експлозии, какви што беа изведени над Хирошима и Нагасаки. Експлозиите на тло креваат прав и остатоци, со што се ослободува радиоактивен материјал во атмосферата, што предизвикува нуклеарна контаминација на многу поширока област.
Студија за симулација на климата од 2019 година сугерира дека нуклеарен судир од големи размери меѓу САД и Русија би можел за само неколку дена да предизвика глобална „нуклеарна зима“, при што чадот и саѓите би ја блокирале сончевата светлина, би ја уништиле земјоделската продукција и би ги нарушиле екосистемите. Радиоактивни остатоци од нуклеарни тестирања во текот на Студената војна се откриени дури и на дното на Маријанскиот ров — најдлабоката точка во светските океани.