[ВИДЕО] Научниците открија дека китовите убијци прават едно нешто исто како и луѓето: „Ова досега никогаш не сме го виделе“

Точка

25/06/2025

11:42

1.564

Големина на фонт

а а а

Многу работи не знаеме за природниот свет којшто нѐ опкружува, за растенијата и суштествата кои во него живеат, а орките уште еднаш успеале да ги изненадат научниците.

Претходно било откриено дека овие интелигентни китови го „имитираат“ човековиот говор, но новиот тип на однесување ги оставил истражувачите прилично збунети.

Имено, во рамките на неодамнешна студија било откриено како група китови убијци меѓусебно се масираат со видови морски треви, пренесува „CNN“.

Пилинг

Ова е чудесен момент затоа што се бележи како првпат морските животни да користат алатки на таков начин. Претходно ова специфично однесување било забележано само кај приматите и луѓето, додека пак шимпанзата биле забележани како користат стапови како алатки.

Истражувачите, користејќи дронови опремени со камери, воочиле група орки како одгризуваат парче морско растение наречено биковска алга. Потоа биле забележани како со тие растенија се тријат меѓусебно по телото и се верува дека тоа го прават за да ја отстранат мртвата кожа или паразитите едни од други.

На почетокот истражувачите верувале дека станува за еднократен случај ограничен на само еден кит, но тоа било пред да забележат дека и други китови го прават истото.

Необично и претходно никогаш видено однесување, сега е документирано во новиот научен труд објавен во магазинот „Current Biology“.

Мајкл Веис, директор на истражувањата во Центарот за истражување на китови и главен автор на студијата, објаснил како забележале дека ова однесување не е еднократно, велејќи дека „сфатиле дека ова вообичаено, често однесување е многу возбудлив момент“.

„Сфативме дека наидовме на ново однесување, што е извонредно“, објаснил Веис.

„Не можете ни да помислите дека можно е да пронајдете нешто ново како ова кога набљудувате китови. Не ме изненадува што ги имаат овие сложени општествени интеракции затоа што знаеме дека развиваат длабоки врски едни со други, дека се многу паметни и дека решаваат проблеми во своето опкружување“.

„Allokelping“

Научниците претходно забележале китови како се покриваат со алги, во однесување кое се нарекува „kelping“. Меѓутоа, ова ново однесување е поразлично затоа што се чини дека китот прво внимателно бира и кине алга, а потоа ја користи. Новата метода е наречена „allokelping“.


Наводно праксата се одвива само во внатрешноста на јатата, но истражувачите забележале дека најчесто тоа го прават китовите кои се во слична доба од животот и кои се длабоко поврзани.

Освен тоа што со триењето алги ја отстрануваат мртвата кожа и паразитите, научниците сметаат дека тоа им помага на китовите да се поврзат и да ги зајакнат своите врски на ист начин како што тоа го прават луѓето и мајмуните.

Дарен Крофт, истражувач и извршен директор на Центарот за истражување китови вели:

„Знаеме дека китовите убијци често воспоставуваат контакт со други членови од својата група, допирајќи се со телата, но користењето алги како овие би можело да го подобри тоа искуство. Тоа исто така би можело да биде важно и за здравјето на кожата. Китовите и делфините имаат разни стратегии кои им помагаат да ја исфрлат мртвата кожа, а ова би можела да биде уште една адаптација за таа цел“.