„Вештачката интелигенција може да ја скалира содржината, но не може да почувствува“: Експертите во Кан за тоа како да се зачува креативноста во ерата на "AI"

Точка

25/06/2025

19:41

198

Големина на фонт

а а а

Напредокот што вообичаено би траел цел еден век, благодарение на вештачката интелигенција ќе се случи за само пет години – што драматично ќе влијае на тоа како потрошувачите ги доживуваат брендовите. Мораме да бидеме подготвени за влез во ерата на супериорна вештачка интелигенција во наредните три до пет години – ера што ќе биде бурна и хаотична, беше порачано на Меѓународниот фестивал на креативноста "Cannes Lions 2025", кој собра 12.000 учесници на 200 предавања со повеќе од 500 говорници од целиот свет.

Креативната индустрија ќе претрпи големи промени со развојот на генеративната вештачка интелигенција, истакна Мустафа Сулејман, извршен директор за "AI" во Microsoft.

„Развојот на "AI" ќе доведе до значително намалување на трошоците за продукција на содржини и ќе ја преплави дигиталната сцена со бескрајни текови од генериран материјал. Тоа ќе биде нов предизвик за брендовите кои ќе се прашуваат – како да се издвојат од масата слични содржини? Стандардот на квалитет ќе достигне нови височини, што ќе се одрази и врз ПР-от, кој ќе мора да се издигне на повисоко ниво во создавање прецизни и длабоко човечки приказни“, рече Сулејман на панелот „Вештачка интелигенција и иднината на креативноста“.

На фестивалот во Кан, водечки светски експерти се согласија во едно: креативноста денес мора да се темели на емпатија, искуство и автентичност. Како што истакна Ричард Еделман, извршен директор на агенцијата "Edelman", последниве години сме сведоци на нестабилност – инфлација, технолошки пресврти и општа загуба на доверба во институциите. Во таков контекст, сè повеќе луѓе – особено младите – се врзуваат за брендовите не само поради производите, туку поради смисла, стабилност и чувство на припадност.


„Во свет во кој дури 70% од припадниците на Gen Z веруваат дека медиумите не ја зборуваат вистината, а половина од нив прескокнуваат оброци за да состават крај со крај, брендовите стануваат не само економски чинители, туку и емотивни столбови. Денес, брендовите се најдоверливите институции во општеството, а одговорноста за таа доверба ја носи ПР-от. Луѓето не бараат само производи – туку нешто во што можат да веруваат. Оваа еволуција ја става комуникацијата во прв план“, рече Еделман, првиот човек на глобалната агенција "Edelman", специјализирана за односи со јавност и комуникациски услуги.

Претставници на агенцијата "New Media Team", специјализирана за интегрирани комуникации, годинава внимателно ги следеа сите предавања во Кан и најавените промени во светот на комуникацијата и креативноста. Ова беше и можност за интервјуа со истакнати говорници, чии размислувања ќе бидат објавени во првото издание на "New Media Team", кое ќе се промовира на Меѓународниот саем на книгата во Белград во втората половина на октомври. Станува збор за книга наменета за професионалци, но и за сите кои ги интересираат комуникациите од аспект на стратегија, креативност, големи идеи и најдобрите практики од глобалната индустрија.

Како што се слушна на фестивалот, вештачката интелигенција прави голем скок секои два месеци. Тоа значи дека моделите што ги користиме денес, за само една година ќе бидат дури 600 пати помоќни.


„Цврсто верувам дека во следните три години, скоро без сомнение, ќе влеземе во ерата на супериорна вештачка интелигенција, и мислам дека нејзините последици врз светот и работата на компаниите ќе бидат длабоки. Затоа, како бренд, мора да имате визија што инспирира – и за да ги привлечете најдобрите вработени, и за да изградите силна база на потрошувачи. Вашата визија не мора да биде политичка. Секој бренд треба да биде свесен и одговорен, но без компромис околу основните вредности и долгорочната визија“, изјави Ден Шулман, поранешен претседател на "PayPal" и актуелен член на бордот на "JUST Capital".

Предавањата во Кан покажаа дека пристапот кон вештачката интелигенција – односно кон истите податоци и иста технологија – ќе биде ист за сите. Но, единствената вистинска разлика ќе биде креативноста. А таа, порачаа експертите, мора да доаѓа од животот, не од алгоритам.

„Вештачката интелигенција може да ја скалира содржината, но не може да почувствува – заклучи Мустафа Сулејман и потенцираше дека емоционалната интелигенција останува човечка територија.