Пазарот на електрични автомобили во Европа во првиот месец од оваа година опадна за 2%, а најголем губитник е "Tesla".
Во последните години, "Tesla" беше доминантна на пазарот на електрични возила, додека кинеските компании, предводени од "BYD," стануваат сè попопуларни. Традиционалните производители на автомобили, како што е "Volkswagen", и покрај големите инвестиции и амбициозните планови, не успеаја да постигнат очекуван успех, па побарувачката за нивните возила е далеку под очекувањата.
Сепак, податоците за продажбата на електрични автомобили во Европа за јануари 2025 покажуваат дека овој тренд би можел да почне да се менува.
"Volkswagen ID. 4" го надмина "Model Y" на "Tesla"
Според "JATO Dynamics", најпродаван електричен автомобил во Европа во јануари оваа година бил "Volkswagen ID. 4". Интересно е што истото возило го зазеде и третото место на американскиот пазар во првиот месец од 2025 година.
Катастрофален месец за "Tesla"
Во споредба со истиот период минатата година, бројот на регистрации на моделот "ID. 4" пораснал за речиси 200% (регистрирани се 7177 возила), што му овозможи на електричниот "SUV" да ја надмине "Tesla" и нивниот "Model Y.
За компанијата на Илон Маск, првиот месец од годината беше исклучително лош на европскиот пазар – "Tesla" забележа пад на новорегистрирани возила од дури 45%.
• "Model Y" бил продаден во нешто повеќе од 6100 примероци (пад од 44%).
• "Model 3" бележи уште поголем пад – минус од 45% во однос на јануари 2024 година.
Иако "Tesla" може да ја поправи ситуацијата со новата генерација на "Model Y", според аналитичарот на "JATO", Фелипе Муноз, податоците од јануари покажуваат дека популарноста на "Tesla" во Европа е во пад.
Еден од можните фактори е политичкиот ангажман на Илон Маск и неговата поддршка за Доналд Трамп, што многумина му го замеруваат. Дополнително, по последните коментари на американскиот претседател за Европа и неговиот близок однос со Владимир Путин, тешко е да се замисли дека популарноста на Маск ќе се зголеми на европскиот континент.
"Volkswagen" со силен раст, Кинезите сè поблиску
Покрај успехот на "ID. 4", "Volkswagen" има уште една причина за задоволство – нивниот модел "ID. 7" се пласираше на третото место на европскиот пазар, со близу 6000 регистрации во јануари, што претставува раст од неверојатни 657%.
• На четвртото место се најде "Kia EV3" со 5792 продадени возила.
• Петтото место го зазеде "Škoda Enyaq".
Што се однесува до кинеските електрични автомобили, нивната побарувачка значително расте. Во јануари продадени се повеќе од 37.000 примероци, што е раст од 52% во однос на јануари минатата година.
Се очекува во наредниот период продажбата на кинеските EV модели дополнително да се зголеми, заклучуваат аналитичарите.