Дури и најголемите оптимисти не можеа да поверуваат дека побарувачката ќе биде толку голема.
Успехот на "Xiaomi" на пазарот на електрични автомобили речиси сигурно ги изненади дури и најголемите оптимисти во компанијата. За само неколку години, нивната идеја за влез во автомобилската индустрија се претвори во неверојатен успех. Нивниот прв автомобил "SU7" доби многу пофалби, а во Кина владее огромна побарувачка. Во краток период веќе испорачаа над 180.000 примероци, а сега имаат големи амбиции и за новиот "SUV" модел "YU7".
Но, освен стандардниот "SU7", компанијата претходно ја претстави и неговата „набиена“ верзија "SU7 Ultra", која исто така предизвика огромен интерес. Откако беше официјално лансиран во последните денови од минатиот месец, за само десет минути беа направени скоро 7.000 нарачки, а според основачот на компанијата Леи Џун, по 24 часа таа бројка се искачи на 15.000.
Најновите податоци за побарувачката покажуваат 19.000 нарачки, а бројката продолжува да расте. Бидејќи "Xiaomi" планира годишно производство од 10.000 примероци, моделот "Ultra" веќе е целосно распродаден за следните две години, коментираа од страницата "EV Arena". Секако, со оглед на огромната побарувачка, не треба да се исклучи можноста компанијата да ја зголеми производството. Плановите за оваа година се веќе амбициозни – "Xiaomi" има намера да произведе дури 300.000 автомобили.
Цена – многу пониска од очекуваната
Една од главните причини за огромната побарувачка на "Ultra" моделот е неговата цена. Иако првично се шпекулираше дека "SU7 Ultra" би можел да чини околу 100.000 евра, конечната цена е „само“ нешто повеќе од 65.000 евра.
А за таа сума добивате вистинска ѕверка – најбрзиот сериски автомобил со четири врати во светот, според "Xiaomi". "SU7 Ultra" располага со три мотори, има 1.548 коњски сили и забрзува од 0 до 100 км/ч за помалку од 2 секунди, додека 200 км/ч достигнува за 6,09 секунди. Максималната брзина изнесува 350 км/ч, а досегот е 630 км. Импресивно.
И покрај неочекувано големата побарувачка за "Ultra" моделот, во "Xiaomi" најголемите очекувања ги имаат од моделот "YU7", бидејќи "SUV" возилата се најпопуларната категорија. Претставувањето на овој "SUV" се очекува во следните неколку месеци, кога ќе бидат објавени официјалните спецификации и цената, која според досегашните гласини треба да изнесува околу 31.000 долари.