Кога размислуваме за "Porsche 911", најчесто го поврзуваме со Германија, поточно со Штутгарт, родниот град на овој култен германски спортски автомобил. Ако ве прашаме во која земја се продава најмногу примероци од овој престижен модел, најголем дел без двоумење би одговориле – Германија.
Овој заклучок не е нелогичен. Германците се познати по својата лојалност кон домашните брендови, а со популација од над 83 милиони жители, Германија претставува огромен пазар.
Но, овој одговор е погрешен.
Андора – малата планинска држава со најмногу продадени "Porsche 911" по глава на жител
Вистинскиот одговор е Андора – мала планинска земја сместена помеѓу Шпанија и Франција, високо во Пиринеите. Со само нешто повеќе од 77.000 жители, Андора стана првата земја во светот по продажба на моделот "Porsche 911" во однос на бројот на жители.
Луксузот како одраз на економскиот просперитет
Како е можно спортски автомобил со почетна цена од над 160.000 евра да стане најпродаван модел во една мала европска држава? Одговорот лежи во исклучителната економска благосостојба на Андора.
Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), БДП по глава на жител во Андора во 2024 година изнесува 65.586 евра. Економската сила на државата главно се темели на туризмот и нејзиниот статус на даночен рај, што директно ја зголемува куповната моќ на граѓаните.
Во минатата година, во Андора биле продадени вкупно 2.379 возила, од кои дури 83 биле "Porsche 911", што го направило апсолутен лидер на пазарот.
На второ место се нашол "Toyota Yaris GR" со 47 продадени примероци, додека третото и четвртото место исто така ги зазеле модели на "Porsche" – "Cayenne" со 46 продадени единици и "Macan" со 45.
Важно е да се спомене дека многу купувачи на луксузни автомобили ги регистрираат своите возила на компании, со цел да ги искористат даночните поволности, што дополнително ја поттикнува продажбата на престижни модели во оваа пиринејска државичка.
Според статистиките на компанијата "JATO Dynamics", ако се земе предвид односот меѓу бројот на жители и продажбата на моделот, Андора навистина претставува светски феномен – држава каде што скапиот спортски автомобил "Porsche 911" стана најпродаваниот модел на пазарот.