Бројот на загинати во сообраќајни несреќи во Германија падна на третото најниско ниво во последните повеќе од 70 години, соопшти германскиот Федерален завод за статистика.
Минатата година во сообраќајни несреќи во Германија загинаа 2.780 лица, што е за 59 помалку во споредба со 2023 година, пренесе порталот "Tagesschau", повикувајќи се на податоците на Заводот.
Ова е трет најнизок број на загинати од почетокот на водењето евиденција во 1953 година. Според Заводот, единствено во времето на пандемијата (2020 и 2021 година) биле регистрирани помалку загинати во сообраќајот.
Во 2024 година, бројот на загинати особено се намалил кај пешаци и патници во автомобили. Исто така, забележано е намалување на жртвите меѓу возачите на мопеди и велосипеди.
Најбезбедни градови – Берлин, Хамбург и Бремен
Далеку под националниот просек од 33 смртни случаи на еден милион жители биле градовите Хамбург (21), Бремен (17) и Берлин (15). Бројот на жртви бил релативно низок и во Северна Рајна-Вестфалија (26) и Сарланд (24), соопшти Заводот.
Според статистиката, летните месеци повторно биле најопасни за учесниците во сообраќајот, а најмногу несреќи со фатални последици биле регистрирани во август, кога на патиштата загинале 296 луѓе.
Помалку сообраќајни несреќи во 2024 година
Германската полиција во 2024 година регистрирала околу 2,5 милиони сообраќајни несреќи, што е за 1% помалку во споредба со претходната година. Бројот на несреќи во кои имало повредени или загинати исто така се намалил за 1%, достигнувајќи нешто повеќе од 289.000 случаи.