Кристијан Ериксен се огласи по новото колабирање и испрати емотивна порака до навивачите

Точка

08/06/2026

22:12

630

Големина на фонт

а а а

Кристијан Ериксен (34) повторно го загрижи фудбалскиот свет откако во неделата вечерта колабираше на теренот за време на пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина. Натпреварот веднаш бил прекинат, а данскиот репрезентативец бил пренесен во болница на дополнителни прегледи.

За среќа, 34-годишниот играч за врска брзо заздравил, а ден по инцидентот испратил смирувачка порака до навивачите преку социјалните мрежи. Кристијан Ериксен потврди дека ја напуштил болницата и дека моментално се наоѓа дома со своето семејство.

„Сакам да знаете дека сум подобро и дека сум дома, опкружен со моето семејство. Како што можете да замислите, ударот од ИЦД-уредот имаше големо влијание и врз мене и врз моето семејство, но ова е сосема поинаква ситуација од онаа што се случи во 2021 година.


Се чувствувам добро и веќе почнав со закрепнувањето. Благодарен сум на сите играчи и на медицинскиот тим што беа на теренот за поддршката и помошта, а посебна благодарност упатувам до лекарите кои со години се грижат за моето срце. Благодарение на нив, мојот ИЦД-уред го направи токму она за што е наменет – ме заштити кога тоа ми беше најпотребно. Мојот фокус сега е на закрепнувањето, поминувањето време со семејството, одморот и играњето фудбал со моите деца“, напиша Ериксен на социјалните мрежи.

Да потсетиме, Ериксен по вторпат во кариерата колабира за време на натпревар. Првиот пат тоа се случи на Европското првенство во 2021 година против Финска, кога доживеа срцев застој и неколку минути беше во животна опасност.

По тој драматичен настан му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор (ИЦД), уред кој повторно одигра клучна улога и, според зборовите на самиот фудбалер, го направил токму она за што е создаден – да го заштити во моментот кога тоа било најпотребно.