Бразилскиот репрезентативец Едерсон доживеа несекојдневна ситуација откако во последен момент доби повик во репрезентацијата на Бразил за Светското првенство.
Играчот за врска на Аталанта дополнително беше вклучен на списокот на селекторот Карло Анчелоти, откако поради повреда отпадна десниот бек Весли. Повикот го затекнал за време на свадбената прослава на свој пријател во неговиот роден Кампо Гранде.
Бидејќи првично не бил меѓу 26-те избрани фудбалери, 26-годишниот Едерсон заминал на одмор и воопшто не помислувал дека летово ќе патува во Соединетите Американски Држави. Но потоа пристигнал повик кој не се одбива.
Проблемот бил што неговиот пасош останал во Рио де Жанеиро, повеќе од 1.400 километри оддалечен од местото каде што се наоѓал. Следувала вистинска логистичка трка со времето.

Пријателите реагирале брзо и успеале да ги достават документите до Сао Паоло, од каде што Едерсон тргнал кон Њујорк. Во меѓувреме, неговата сопруга експресно го спакувала куферот, а играчот за врска од Кампо Гранде отпатувал за Сао Паоло, пред да се качи на речиси десетчасовен лет кон САД.
По пристигнувањето, тој веднаш треба да му се приклучи на националниот тим и да го одработи првиот тренинг.
„Се надевам на Божјиот план, кој секогаш е поголем од мојот. Чест ми е што сум дел од најголемата репрезентација во светот. Весли, со тебе сме. Напред, Бразил!“, напиша Едерсон на „Instagram“ откако беше потврден неговиот повик.

Едерсон досега има само три настапи за Бразил, а дебитираше минатата година. Последните четири сезони ги помина во Аталанта, каде што се етаблираше како еден од најдобрите играчи за врска во Серија А.
Според бројни медиумски извештаи, тој е многу блиску до трансфер во Манчестер Јунајтед, со кој наводно веќе ги договорил личните услови.
Многу бразилски навивачи веруваат дека токму Едерсон би можел да биде едно од најголемите изненадувања на турнирот. Неговата приказна веќе звучи филмски – од играч кој не бил на списокот, преку повик среде свадба и потрага по пасошот, до можност да настапи на најголемата сцена на светскиот фудбал.












