Вардар и во новата сезона ќе има сериозен спонзор, фирма која ќе биде еден од столбовите за клубот да има добри резултати и да ги нападне сите титули на домашната сцена.
Имено обновена е соработката со „Новоматик Македонија“, па „црвено-црните“ ќе добијат поддршка од милион евра.
- Дозволете на почетокот во името на менаџментот на клубот, играчите и навивачите да упатам благодарнот што Новоматик Македонија беа со нас кога ја почнавме најтешката битка за враќање на довербата на навивачите, на спортската, но и пошироката јавност. Довербата на Новоматик Македонија во нашиот проект придонесе да ја освоиме 12-та титула фудбалски шампион во македонското национално првенство, -порача капитенот Зоран Закариќ.
Свој збор имаше и претставникот на Новоматик, Петар Пенчев.
- Во Новоматик Македонија во чија групација се светски реномираните брендови Адмирал, Астра и Казино Фламинго, сме многу горди што ги подржавме амбициите на најтрофејниот македонски клуб кога беше најтешко и кога Вардар требаше да се подигнува од амбисот. уште повеќе што нашата повеќегодишна соработка ја крунисавме со нова титула на Вардар. Денес, заедно со капитенот, Горан Закариќ, објавуваме дека светскиот шампионски бренд во игрите на среќа ја продолжува поддршката на македонскиот фудбалски шампион Вардар! Патот до спортскиот успех на ФК Вардар беше тежок, но ние никогаш не престанавме да веруваме. Како што сега веруваме дека следуваат уште многу блескави спортски успеси, - порача Пенчев.







