LED светлата на автомобилите не се само декоративен елемент – тие можат значително да ја зголемат безбедноста на пешаците.
Како што возилата преземаат сè повеќе од возачките задачи, прашањето за тоа како комуницираат со останатите учесници во сообраќајот станува сè поважно.
Технологијата можеби е подготвена да им овозможи на возачите да ги тргнат рацете од воланот и погледот од патот, но тоа отвора и нов предизвик: како автомобилот да ги сигнализира своите намери на луѓето околу него?
Во тој дух, „Opel“ разви прототип на моделот "Grandland" со светлосен систем осмислен да им се обраќа директно на пешаците.
Автомобил што зборува со светла
Тест-возилото е опремено со систем за асистенција од ниво 3, кој му дозволува на возачот да се „исклучи“ во одредени услови.
Кога возилото ја презема контролата, потребно е ново ниво на комуникација за луѓето на улица да разберат што планира автомобилот.
Прототипот "Grandland" е опремен со нов систем на камери кои детектираат објекти и гестови, во комбинација со AI функцијата „предвидување на намери“.
Ова му овозможува подобро препознавање на ситуации од реалниот живот, како на пример пешак што излегува на коловоз меѓу паркирани автомобили или дете што истрчува по топка.
Кога функционира во автономен режим од ниво 3 (или повисок), предните и задните покажувачи на SUV-то светат во сино-зелена боја. Таа е избрана затоа што не се поврзува со ниту една друга функција на возилото.
Кога на патеката се детектира пешак, автомобилот започнува да кочи, а LED фаровите ја менуваат бојата од бела во магента.
Дополнително, малиот дисплеј кој обично го прикажува "Opel" амблемот „гром“ ја менува графиката во предупредувачки знак или силуета на пешак со гест за стопирање.
Кога возилото целосно ќе застане, LED светлата стануваат зелени, а на дисплејот се прикажува фигура на пешак во движење.
Во посложени ситуации, кога AI алгоритмот не знае како да постапи, возачот добива сигнал дека треба повторно да ја преземе контролата.
Редефинирање на улогата на фаровите
Филип Рекл, глобален лидер на одделот за осветлување во „Stellantis“, во чија сопственост е и „Opel“, ја објасни идејата зад проектот:
„Фаровите очигледно играат клучна улога во зголемувањето на безбедноста на патиштата – но современите светлосни системи можат многу повеќе. На пример, светлосните потписи лесно може да се анимираат и да се користат за сигнализации. А осветлениот ’гром‘ на "Grandland" може да се замени со дисплеј кој, покрај тоа што го прикажува амблемот, ќе служи и за комуникација со пешаците и другите учесници во сообраќајот. Со користење на постојните светлосни елементи, лесно може да се додадат комуникациски функции кога ќе воведеме самостојно возење во нашите автомобили.“
Моделот е развиен во седиштето на „Opel“ во Риселсхајм, Германија, и беше претставен на Меѓународниот симпозиум за автомобилско осветлување (ISAL) во Дармштат.
Проектот е резултат на соработка меѓу брендот „Opel“ и студентите од Техничкиот универзитет во Дармштат.