Пожарите кај електричните автомобили се релативно ретки, но кога ќе се случат – штетите се огромни. Во живо беше демонстрирано како изгледа запалена батерија на електричен автомобил.
Кога ќе се запали електричен автомобил, штетата е значително поголема отколку кај пожар на класично возило. Не само поради обично повисоката вредност на уништеното возило, туку и затоа што пожарот често предизвикува оштетувања и на соседните автомобили или на околна опрема, изјави за „Bloomberg Adria“ Јан Јеленц, стручен водител за имотни штети во осигурителната компанија „Triglav“.
Пожарите најчесто избувнуваат при полнење
Според Јеленц, пожарите на електрични возила најчесто настануваат за време на полнењето – кога автомобилот стои на паркинг, во подрум на јавна гаража или во домашна гаража. Запален автомобил речиси никогаш не може да се поправи и за осигурителните компании е „тоталка“.
За гаснење на електричен автомобил пожарникарите трошат и до три кубни метри вода, додека пожар на класично возило може да се изгасне со еден противпожарен апарат.
Клучна е правилно поставениот полнач и доволно силната домашна електрична инсталација, за да се избегне ризик при полнењето. Полначот и батеријата, сопственикот мора редовно да ги одржува.
Осигурувањето не е поскапо
Јеленц нагласува дека осигурувањето на електрични возила не е поскапо од она на бензински или дизел автомобили со слична сила на моторот – дури може да биде и поевтино.
Иако електричните автомобили генерално имаат посилни мотори и повисока набавна цена, штетите од пожари кај нив претставуваат само мал дел од сите автомобилски штети.
Запалената батерија мора да остане со часови во „карантин“, бидејќи постои ризик од повторно палење – поради пренос на оштетување од една ќелија на друга во батеријата.
Ако избувне пожар – тој е исклучително силен
Автомобилските батерии инаку се добро заштитени и ретко се палат за време на самото возење, вели Алеш Југ, експерт за противпожарна безбедност. Но, ако дојде до пожар, пламенот е исклучително силен и со многу висока температура, што може да запали и соседни автомобили или објекти во близина.
Пожарникарите електрични автомобили гаснат со вода – исто како и класичните – и не им е потребна специјална опрема. Според Југ, електричната спроводливост на водата не претставува проблем, но пожарникарите мора да бидат целосно опремени и обучени за да избегнат контакт со струја и вдишување на токсични гасови.
Кај гаснење на електрични возила потрошувачката на вода е значително поголема поради ладењето на жешката батерија – до три кубни метри за едно гаснење, додека кај класично возило доволен е еден апарат.
Батеријата може да се оштети само од екстремно силен удар
Во Центарот за безбедна возење во Цеље, пожарникарите демонстрираа гаснење на запалено електрично возило. Батеријата беше намерно оштетена со пневматски чекан – сила каква што во реалност речиси не може да се случи.
Енергијата од 150 килограми тешката оштетена батерија предизвика испуштање на токсични запаливи гасови и пожар на автомобилот, кој пожарникарите брзо го ставија под контрола.
Батеријата на автомобил не е иста како кај тротинет
Батериите на електричните автомобили се конструирани поинаку од литиум-јонските батерии во мобилни телефони, лаптопи или електрични тротинети. Тие се побезбедни, темелно тестирани и постојано се подобруваат од страна на производителите, објасни Југ.
Затоа, пожарите кај електрични автомобили не треба да се изедначуваат со пожарите на тротинети или електронски уреди. Во цела Европа досега се регистрирани околу 500 случаи на запалени електрични возила.