Поседувањето „Koenigsegg“ не значи само потпишување чек – тоа е долгорочна обврска која подразбира милионски износи и години чекање за испорака. Сепак, се појави навестување дека шведскиот производител еден ден би можел да ја истражи идејата за изработка на подостапни спортски автомобили, со што би го приближил својот престижен бренд до поширока публика.
Иако Кристијан фон Кенигсег е навикнат да управува со хиперавтомобили со повеќе од 1.500 коњски сили, тој ја разбира и привлечноста на поевтините и полесни спортски возила. Гордиот сопственик е на „Mazda MX-5“ од првата генерација (NA), со која секоја недела патува до фабриката во Енгелхолм. Покрај „MX-5“, тој има голема симпатија и кон „GR Yaris“. Во неодамнешен разговор со медиумите, откри дека во иднина размислува за производство на подостапни спортски автомобили.
Размислување надвор од рамките на хиперавтомобилите
„Си поигрувавме со идејата можеби да го зголемиме обемот, изработувајќи поедноставни, подостапни спортски автомобили“, изјави тој за „CarBuzz“. Сепак, призна дека „тоа е едноставно преголем скок од таму каде што сме сега“, додавајќи дека „високосериското производство е сосема друга ѕверка во однос на рачно изработеното, нискосериско производство. Ќе видиме. Можеби еден ден.“
Ако „Koenigsegg“ се реши да лансира ценовно подостапен модел, веројатно би морал да обезбеди сериозни инвеститори за финансирање на значително проширување. Иако нивниот производствен комплекс во Шведска е прилично голем за производител кој годишно изработува помалку од 100 возила, тој не е погоден за масовно производство.
Шведската марка, исто така, преферира самостоен инженеринг и изработка на што е можно повеќе компоненти. Но, доколку би преминале на поголеми серии, би морале да се потпрат на надворешни добавувачи, што би барало и сериозно проширување на нивните истражувачки и развојни капацитети.
Колку би чинел „подостапниот“ Koenigsegg?
Основачот на компанијата не прецизираше колку би можеле да чинат ваквите идни модели, но многу е малку веројатно дека би конкурирале со автомобили како „Toyota GR 86“ или дури „Porsche 911“. Пореално е дека тоа и натаму би биле суперавтомобили, чија цена би се мерела во стотици илјади долари, а не во милиони. На крајот на краиштата, „подостапно“ во речникот на „Koenigsegg“ најверојатно значи дека наместо два, ќе треба да продадете само еден бубрег.