Шефот на дизајн во „Mercedes“: „AI“ создава 99 проценти ѓубре-дизајни, но еден ден ќе нè замени

Точка

22/09/2025

08:02

1.410

Големина на фонт

а а а

Горден Вагенер, првиот човек на дизајнот во „Mercedes-Benz“, открива како се справуваат со поплавата на „AI“ рендери и зошто секој „Mercedes“ мора да има единствен карактер.

Алатките на вештачката интелигенција („AI“) веќе го најдоа своето место во современото бизнис работење – од обработка на податоци до изработка на скици – а сè повеќе продираат и во креативните професии како автомобилскиот дизајн. „Mercedes-Benz“ е една од компаниите која експериментира со оваа технологија, но нивниот шеф на дизајн, Горден Вагенер, сè уште не е импресиониран од резултатите што „AI“ ги нуди во моментов.

Вагенер тврди дека, иако „AI“ може да генерира дотерани рендери и да ги разубави скиците со трикови за осветлување, технологијата сè уште не е дорасната на задачата да обликува вистински автомобили. Во разговор за „MotorTrend“, тој ја опиша технологијата како исклучително продуктивна, но неспособна да создаде нешто навистина оригинално или иконично.


Преголем број слики, премалку влијание

Шефот на дизајн на славниот германски производител забележува дека интернетот е преплавен со рендери генерирани со „AI“ до таа мера што целиот концепт ја изгубил свежината. Според него, оваа заситеност им го отежнува на автомобилските компании создавањето концептни модели кои би можеле смислено да се истакнат.

За да ја задоволи побарувачката на клиентите за „впечатлив дизајн“, Вагенер вели дека „Mercedes“ применува пристап во кој секој модел добива сопствен, јасно препознатлив идентитет. Така, тој ја гледа Е-класата со спортски дух, S-класата како симбол на достоинствена елеганција, моделите како SL што носат чисти перформанси, додека „Maybach“ ја претставува круната на ултимативниот луксуз.

Ова не е првпат Вагенер отворено да зборува за вештачката интелигенција. Во претходно интервју за „ABC News“ беше исклучително директен:

„Работиме со ’AI‘. Со него добивате 99 проценти ѓубре и квантитет. Тоа е најголемиот проблем – да се издвојат добрите работи од лошите. Но го добивате и оној 1 процент добри идеи, и ние продолжуваме да учиме. Секој ден станува сè подобар. ’AI‘ драстично ќе го промени начинот на кој дизајнираме. Мислам дека за 10 години можеби поголемиот дел од дизајнот ќе го прави ’AI‘ и тоа ќе ги направи дизајнерите излишни. Мојот наследник ќе биде машина и ќе чини многу поевтино од мојата плата“, изјави Вагенер.


Меѓу скепса и претпазливост

Гледано во целина, коментарите на Вагенер откриваат мешавина од сомнеж и чувство на неизбежност. Во моментов тој го гледа „AI“ како одвлекување на вниманието, но воедно претчувствува дека еден ден може целосно да го замени неговиот тим. Во меѓувреме, дизајнерите на „Mercedes“ продолжуваат со традиционален пристап, работејќи на следната генерација на C-класата и Е-класата, освежената S-класа и покомпактната G-класа.

Новиот „GLC EV“, претставен овој месец во Минхен, е јасен сигнал за правецот во кој се движи брендот. Со "LED" светла во форма на ѕвезда – веќе видени на новиот модел "CLA" – и со осветлена верзија на предната решетка инспирирана од минатото, овој "SUV" носи дизајнерски елементи кои ќе влијаат на целата иднина на „Mercedes“.