Производите на „DTN“ се фалсификати кои ги имитираат оригиналните делови, но се продаваат по цена значително пониска од оригиналите – понекогаш и до 90 проценти поевтино.
Американската Национална управа за безбедност на патниот сообраќај („NHTSA“) отвори истрага поради седум инциденти поврзани со неисправни компресори на воздушни перничиња, од кои пет завршија со смртни последици, пренесува „HAK“.
Се верува дека спорните компоненти потекнуваат од компанијата „Detiannuo Safety Technology“ од кинеската провинција Џилин, позната и како „DTN Airbag“. Истражителите тврдат дека компресорите на оваа компанија содржат испарливи хемикалии кои можат да се запалат при активирање, предизвикувајќи неконтролирано надувување на воздушниот перниче.
„The Wall Street Journal“ наведува дека „NHTSA“ ја поврзала „DTN“ со седум инциденти и пет смртни случаи предизвикани од компресорите на воздушни перничиња. Еден од овие трагични настани се случил во јули.
Се претпоставува дека многу сервисери и монтажери увезувале евтини компресори за воздушни перничиња од странство, често несвесно. „WSJ“ известува дека производите на „DTN“ се фалсификати кои изгледаат како оригиналните делови, но се нудат по цена и до 90 проценти пониска.
„Овие фалсификати често се изработени од материјали со лош квалитет и имаат поголема веројатност да откажат, бидејќи се само имитација на инженерингот кој постои кај вистинскиот производ“, изјави за весникот Боб Стјуарт, претседател на Советот за борба против фалсификати во автомобилската индустрија и глобален менаџер за заштита на брендови во „General Motors“.
Во моментов нема информации колку возила во САД би можеле да бидат опремени со фалсификувани пумпи за надувување воздушни перничиња од „DTN“. Компанијата, од своја страна, тврди дека продажбата на нејзини производи е забранета во САД и инсистира дека не работи на американскиот пазар.