Најновиот производител на автомобили кој се приклучува на трендот на „рамни логоа“ е „Suzuki“, кој првпат го редизајнираше својот амблем по 2003 година.
Амблемот и понатаму ја има препознатливата силуета на буквата „S“, која речиси воопшто не се променила од 1958 година. Новитетот е во мазната, рамна површина со нежни контури кои ги следат рабовите. Сјајниот хром е заменет со „високосветкава“ сребрена завршница што потсетува на мат алуминиум, што, како што наведува „Suzuki“, е и еколошки поприфатливо решение.
Дизајнерите истакнуваат дека поедноставените, дводимензионални логоа подобро функционираат на мали екрани, каде што денес најголем дел од луѓето стапуваат во контакт со брендовите. Од друга страна, критичарите тврдат дека ваквата трансформација му ја одзема на логото длабочината и физичкото присуство кое некогаш го имало во „реалниот свет“.
„Suzuki“ не е единствениот кој го прифати овој тренд. Последниве години истиот пат го следеа и „VW“, „Audi“, „Nissan“, „Mazda“, „BMW“, „Mini“, „Volvo“, „Kia“, „Opel“, „Renault“, „Peugeot“, „Aston Martin“, „Bentley“ и други.
Компанијата потврди дека освежениот амблем е дел од поширок идентитет на брендот под слоганот „By Your Side“. Новиот дизајн ќе се појави за првпат на концепт-моделите што ќе бидат претставени на „Japan Mobility Show“ на 30 октомври.
Потоа, новиот изглед постепено ќе се воведе во глобалната понуда на „Suzuki“. Бидејќи пропорциите на амблемот останале исти, тој може лесно да се постави на решетките и багажниците на постојните модели, без да се чека следниот циклус на ри-стајлинг. Најновиот модел во портфолиото на „Suzuki“ е SUV моделот „Victoris“, наменет за индискиот пазар.
Претседателот и главен извршен директор на „Suzuki“, Рошихиро Сузуки, ја објасни мотивацијата зад редизајнот:
„Новиот амблем ја одразува нашата посветеност на принципот ’да се ставиме во чевлите на купувачот‘, што отсекогаш била наша основна вредност. Тој, исто така, ја покажува нашата решителност да прифатиме нови предизвици во претстојната ера. Под слоганот ’By Your Side‘ ќе продолжиме да обезбедуваме мобилност тесно поврзана со секојдневниот живот, напредувајќи заедно со нашите купувачи и придонесувајќи кон остварување на одржлива иднина.“