Зад себе ги оставија „Renault“ и „Audi“: Голем скок на продажбата на кинеските автомобили и покрај високите царини

Точка

24/09/2025

13:29

1.240

Големина на фонт

а а а

Продажбата на батериски електрични возила во Европа скокна за 27 проценти, надминувајќи го вкупниот пазарен раст од пет проценти.

Кинеските производители на автомобили во Европа во август продале повеќе возила од „Renault“ и „Audi“, пред сè благодарение на силниот раст на продажбата на plug-in хибриди, покажуваат податоците на компанијата „JATO Dynamics“. Во август, кинеските компании им продале на европските купувачи повеќе од 43.500 возила, што претставува пораст од 121 процент на годишно ниво.

„Audi“ во август на Европјаните им продаде 41.300 возила, а „Renault“ 37.800. Продажбата на plug-in хибридите во 28-те членки на Европската унија порасна за 59 проценти, достигнувајќи речиси 84.000 возила. Приближно 13 проценти од нив, односно 11.000, беа кинески модели. Кинеските компании на тој начин ја зголемија продажбата дури 14 пати на годишно ниво, пресметале аналитичарите на „JATO Dynamics“.


Продажбата на батериски електрични возила во Европа исто така порасна за 27 проценти, надминувајќи го вкупниот пазарен раст од пет проценти. „Во август побарувачката за батериски електрични возила беше силна, но порастот од 27 проценти е помалку значаен отколку што изгледа на прв поглед, ако се земе предвид колку интензивно овие возила се промовираат,“ изјави аналитичарот на „JATO Dynamics“, Фелипе Муњоз.

Најпопуларен модел на батериско електрично возило во Европа и во август остана „Tesla Model Y“, иако неговата продажба, дури и во услови на силен раст на вкупната продажба на батериски возила, падна за 37 проценти во споредба со истиот месец лани. Пазарниот удел на кинеските производители, меѓу кои се и „BYD“ и „Chery“, во Европската унија изнесуваше 5,5 проценти – највисок досега откако се следат податоците, и тоа и покрај високите давачки за увоз на кинески автомобили во ЕУ.


Европската комисија во октомври минатата година воведе дополнителни царини за увоз на електрични возила од Кина, поради, како што наведе, „нефер субвенции“ за производителите. Царините на увозот на електрични автомобили произведени во Кина се движат од 7,8 до 35,3 проценти и треба да останат во сила до распуштањето на сегашниот состав на Европскиот парламент во 2029 година. Највисоките царински стапки се предвидени за батериските електрични возила.

Како одговор на овие давачки, кинеските производители на автомобили го интензивираа извозот на plug-in хибриди и хибридни електрични возила во Европа, а планираат и поголем број модели наменети за европскиот пазар да ги произведуваат директно во Европа. Кон крајот на минатата година „BYD“ најави дека ќе започне со продажба на plug-in хибриди во Европа, а на почетокот на септември овој кинески гигант објави дека од 2028 година сите електрични возила наменети за европскиот пазар ќе се произведуваат во Европа.

Plug-in хибридите, кои користат комбинација од гориво и електрична енергија, стануваат сè попопуларни како поволна опција што го премостува јазот меѓу автомобилите со мотори со внатрешно согорување и целосно електричните возила.