Се запознале во 1944 година и речиси во истиот момент станале неразделни. Марија Казарес морала да се „задоволи“ со улогата на љубовница. Нивната љубов можела да ја прекине само смртта.
Славниот француски писател Албер Ками и шпанската актерка Марија Казарес се запознале на 6 јуни 1944 година. Тоа бил денот на истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, а младата актерка токму тогаш добила улога во едно од делата на Ками. Таа имала 21 година. Тој веќе имал 30 години, бил оженет и имал близнаци.
Парот речиси во истиот момент отпочнал љубовна афера.
Најубавите љубовни писма
Сопругата на Ками, Франсин Фор, и децата во тој период биле во Алжир. Откако се вратиле во септември 1944, актерката одлучила да ја прекине врската, но сепак ја продолжила преписката со писателот.
„Каде и да се свртам, гледам темнина... Без тебе немам сила. Имам желба да умрам“, ѝ пишувал Ками на убавата Марија.
Оваа преписка траела во наредните пет години и резултирала со некои од најубавите љубовни писма во историјата. Вкупно биле напишани 865 писма.
„Сега знам многу повеќе за тебе и за себе отколку што знаев порано. Затоа знам дека да те изгубам е исто како на некој начин да умрам. Не сакам да умрам, и затоа треба да бидеш среќна и ништо да не те уништи. Колку и да е тежок и страшен патот што нè чека, мора да го изодиме“, ѝ напишал Ками на актерката.
Во 1949 година повторно се сретнале. Од тој момент станале неразделни, иако Марија постојано се заканувала дека ќе ја прекине аферата поради тоа што Ками уште од почетокот јасно ѝ дал до знаење дека нема намера да ја напушти својата фамилија.
Од друга страна, Франсин многу страдала поради неверството на својот сопруг. Како пијанистка и математичарка, започнала да се лекува од депресија, а завршила и во болница каде што третманите вклучувале и електрошокови.
Во еден момент, Франсин скокнала од прозорецот на болницата – дали со намера да избега или да се самоубие, не е познато. По тој инцидент, Албер му се посветил повеќе на семејството, иако никогаш не ја прекинал врската со Марија.
„Додека смртта не нè раздели...“
Во 1957 година, Ками ја доби Нобеловата награда за литература и во тој период ѝ напишал писмо на својата роднина во кое наведува дека е трогнат од љубовта на сопругата „која никогаш не престанал да ја сака на неговиот погрешен начин“. Во истото писмо напишал и дека Франсин му простила.
Од друга страна, кариерата на Марија Казарес со годините само се искачувала. Играла со Мишел Буке, Жерар Филип, како и во многу од театарските дела на Ками. По секое нејзино појавување на сцена, имала обичај да му испрати кратка порака на Ками.
Во последното писмо до љубовницата, напишано во ноември 1959 година, Ками наведува дека со нетрпение чека да се врати во Париз по патувањето.
Но, Ками никогаш не се вратил во „градот на светлината“. Загина на 4 јануари 1960 година во сообраќајна несреќа — токму на патот кон Париз.
Франсин живеела уште 19 години по неговата смрт, а е погребана покрај него. Марија подоцна се омажила за својот колега Андре Шлесер и почина во 1996 година, ден по својот 74-ти роденден.