Одмор од кошмар: Заборавила пасош во авион – веднаш ја депортирале

Точка

24/09/2025

19:28

1.265

Големина на фонт

а а а

Една туристка доживеала вистинско патување од пеколот кога била депортирана само неколку минути по пристигнувањето на својата дестинација во Мароко. Ребека МекКари, во јули, заедно со три пријателки летала кон Маракеш, но по грешка го оставила пасошот во авионот по слетувањето, пренесува „LADbible“.

Грешка што ѝ го уништила патувањето

Оваа 22-годишна девојка објаснила дека сфатила што направила само пет минути откако излегла од авионот и веднаш побарала дозвола да се врати по документот. Меѓутоа, според неа, персоналот на „Ryanair“ тврдел дека авионот бил „пребаран“ и дека пасошот не бил пронајден. За време на испрашувањето со граничната полиција, Ребека неколкупати се онесвестила.

Во шокантен пресврт, ѝ било соопштено дека можно е да мора да чека и до пет дена за лет назад кон Единбург – иако авионот со кој пристигнала сè уште бил на пистата.

Бидејќи пасошот не бил најден, таа била качена на првиот лет за Обединетото Кралство – но не за Единбург, туку за Манчестер. „Ме депортираа во Манчестер, а мојот татко возеше шест часа за да дојде по мене“, изјавила таа.


Бизарна потрага по пасошот

Иронично, Ребека познавала девојка која се враќала со истиот авион за Единбург. Додека персоналот тврдел дека документот не е пронајден, нејзината пријателка брзо го лоцирала токму на местото каде што Ребека го оставила. Сепак, наводно не ѝ било дозволено да го задржи. „Беше точно таму каде што го оставив“, рекла Ребека. „Им реков само да го задржат, но персоналот на ’Ryanair‘ ѝ го одзел.“

По ова, таа повеќе од еден месец се обидувала да стапи во контакт со компанијата. „На крајот морав сама да одам на аеродромот и да платам 30 фунти за да си го вратам пасошот“, додала. И покрај бројните обиди, Ребека тврди дека не успеала да поднесе официјална жалба до „Ryanair“.

„Каде и да пробате да поднесете жалба, ќе налетате на ѕид. Пробав преку чат-ботови, е-пошта, сè. Ако имате лошо искуство со нив, како патник не можете апсолутно ништо да направите. Многу работи погрешија. Постои протокол – требаше да направат целосна проверка на авионот“, изјавила таа.


Страв од летање

Поради целото искуство, вели, развила страв од летање. „Ова искуство ме направи исклучително анксиозна. Многу се исплашив повторно да летам. Неодамна влегов во авион за едно патување, надевајќи се дека ќе се соочам со стравот. Но бев преплашена – постојано мислев на депортацијата“, признала таа.


Одговорот на „Ryanair“

Портпаролот на „Ryanair“ изјавил: „Оваа патничка го загуби својот пасош во авионот на летот од Единбург за Маракеш на 31 јули и како последица ѝ беше одбиен влез во Маракеш. На барање на мароканските власти, ’Ryanair‘ ѝ обезбеди место на следниот достапен лет за Обединетото Кралство подоцна истиот ден.“

Од компанијата додале дека одговорност на секој патник е да ги носи со себе важечките патни документи. „Во овој случај, патничката мораше да го приложи пасошот при пристигнувањето на аеродромот во Маракеш, што не го направи, и затоа правилно ѝ беше одбиен влезот во земјата. ’Ryanair‘ ги предава сите изгубени предмети во канцеларијата за изгубено и најдено на секој аеродром. Откако екипажот го пронашол пасошот, тој бил предаден во канцеларијата за изгубено и најдено на аеродромот во Единбург“, стои во соопштението.