Италијански град воведува данок за кучиња: Ќе важи и за туристите

Точка

24/09/2025

22:21

709

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот град Болцано одлучи да воведе данок за сопствениците на кучиња, а новата мерка ќе ги опфати и туристите кои ќе го посетат градот со своите миленици.

Иако домашните миленици одамна се навикнати на поседување пасоши, од 2026 година во Болцано ќе ги чека и туристичка такса, пренесува „CNN“.

Според новите правила, сопствениците на кучиња кои доаѓаат во овој град на северот на Италија, познат како влез во Доломитите, ќе плаќаат дневен данок од 1,50 евра. Локалното население нема да биде поштедено – од нив ќе се бара годишен данок од 100 евра по куче.


Градските власти објаснуваат дека иницијативата е наменета за покривање на трошоците за чистење на улиците и финансирање на нови паркови исклучиво за кучиња и нивните сопственици. Сепак, сè уште не е јасно дали кучињата во иднина ќе имаат пристап и во редовните градски паркови.

Овој данок доаѓа по контроверзната одлука за задолжителна регистрација на ДНК на кучињата, која овозможува несобраниот измет да се поврзе со сопственикот и да се наплати казна. Сопствениците кои не го отстрануваат изметот на своите миленици моментално се соочуваат со казни до 600 евра.


Покраинскиот советник Луис Валчер појасни дека сопствениците на кучиња кои веќе ја регистрирале ДНК на своите миленици ќе бидат ослободени од плаќање данок во период од две години. „Ова е праведна мерка затоа што се однесува исклучиво на сопствениците на кучиња. Во спротивно, чистењето на тротоарите би било одговорност на целата заедница, а мора да се каже дека единствената нечистотија на нашите улици е токму кучешкиот измет“, изјави Валчер.

Многумина, сепак, не се согласуваат со оваа одлука. Карла Роки од „ENPA“, националната организација за заштита на животни, смета дека мерката му штети на регионот. „Покраината Болцано си дава автогол со данокот на кучиња, па дури и на четириножните туристи“, истакна Роки.


„По неуспехот на скапиот и апсурден проект за ДНК на кучиња, наместо да се фокусираме на граѓанско образование, насочување и подигање на свеста, повторно се избира полесниот пат – оданочување на животните и нивните сопственици“, додаде таа.

Роки предупредува дека ваквата мерка не само што ги казнува семејствата и туристите кои патуваат со кучиња, туку испраќа и погрешна порака – претворање на животните во даночни обврзници. „Парадоксално е што во регион кој живее од туризмот се таргетираат оние што избираат одмор исполнет со почит и инклузивност, доведувајќи го својот четириножен сопатник“, заклучи таа, нагласувајќи дека ваквите потези можат да обесхрабрат одговорно патување и да поттикнат напуштање на животни.