Шок за корисниците на Фејсбук и Инстаграм: Еве што ги чека ако не почнат да плаќаат претплата и не сакаат да ги споделат податоците со Мета

Точка

28/06/2025

11:01

3.020

Големина на фонт

а а а

Корисниците на социјалните мрежи почнаа да добиваат известувања од Мета за одредени промени кои компанијата ги воведува на своите најпопуларни социјални мрежи.

Иако многу интернет-услуги, како социјалните мрежи или видео-сервиси, не ги плаќаме со пари, тие имаат своја цена – во облик на пристап до приватните податоци на корисниците и прикажување реклами базирани на тие податоци.

Компаниите постојано се обидуваат да го балансираат прикажувањето реклами на начин што ќе го задржи вниманието на корисниците, без премногу да го наруши нивното корисничко искуство. Тоа најдобро се гледа кај социјалните мрежи како „Facebook“ и „Instagram“, каде што рекламите се вметнати меѓу стандардните објави и лесно се прескокнуваат со брзо скролање.


Но "Meta" подготвува новитет кој не само што нема да им се допадне на корисниците на овие мрежи, туку може сериозно да ги налути – а некои би можеле дури и целосно да се откажат од користење или да ја намалат својата активност.

Корисниците во Европа, на пример, почнаа да добиваат известување дека, согласно новите регулативи во регионот, сега можат да изберат дали сакаат да користат верзии на "Facebook" и "Instagram" без реклами. Но, ваквото искуство не е бесплатно – ако сакате да ги отстраните рекламите, ќе треба да плаќате месечна претплата од 7,99 евра.


Пауза за – реклами

Оние кои не сакаат да плаќаат, ќе продолжат да гледаат реклами. Во поставките за огласи ќе можат да изберат дали сакаат да гледаат персонализирани реклами базирани на нивната активност, или помалку персонализирани реклами. Ако се одлучат за втората опција, "Meta" ќе користи помалку нивни податоци, но во замена ќе се појави нова форма на рекламирање – пауза за оглас.

Наместо вообичаените реклами вметнати во фидот што можат лесно да се игнорираат, новиот тип реклами ќе се појави на цел екран и нема да може да се прескокне. Корисникот ќе мора да го гледа огласот неколку секунди (на екранот ќе има тајмер кој одбројува колку долго трае паузата), и дури потоа ќе може да продолжи со скролање.


Со други зборови – ако не сакате да плаќате или да прифатите целосно персонализирано огласување, вашето искуство на "Facebook" и "Instagram" ќе стане значително полошо. Сличен принцип веќе постои на "YouTube", каде што рекламите пред или за време на видеата не може веднаш да се прескокнат – освен ако не плаќате претплата.

Инаку, според пишувањето на "The Verge", "Meta" веќе минатата година почнала да го тестира овој тип „пауза за оглас“ на некои пазари – не само во "Instagram feed", туку и во "Reels".