[ФОТО] Селото на Дедо Мраз во Лапонија годинава без снег: Тажни сцени од новогодишната бајка

Точка

27/11/2024

11:21

2.985

Големина на фонт

а а а

Дедо Мраз пред новогодишните празници е зафатен со подготовка на подароци, но е загрижен поради се потоплата клима и недостатокот на снег во неговиот арктички дом.

Во овој период од годината, градот Рованиеми во финската провинција Лапонија, кој туристичките власти го рекламираа како вистински дом на Дедо Мраз од 1980-тите, треба да биде бело. Но, неодамна врнеше само дожд, а температурата беше дури два степени.

„Мојот ирвас може да лета, така што тоа не е проблем“, рекол маж со долга бела брада во црвен костум додека ги одморал своите уморни нозе по долгиот ден поминат со возбудени деца и возрасни.

„Но, можеме да видиме дека климатските промени се реални. И влијаат на ирвасите. Тоа влијае на животот овде на Арктикот“, додаде човекот, чии работодавци не сакаа да го кажат неговото вистинско име.

Сточарите тврдат дека поблагите и понепредвидливи зими им отежнуваат на ирвасите да стигнат до лишаите, нивната главна храна.


Снегот се стопи, а потоа замрзна, оставајќи лишаи под тврдиот мраз.

Арктикот се загрева побрзо од другите делови на светот поради климатските промени, речиси четири пати побрзо, според истражувањето објавено од фински научници во списанието "Nature" во 2022 година.

Потоплите глобални температури, поттикнати од согорувањето на фосилните горива, во последните години доведоа до временски непогоди, како што се поплави и суши ширум светот.

Во финска Лапонија, по историски топлото лето, беше соборен нов температурен рекорд во ноември пред неколку недели кога во градот Уцјоки беа измерени 11,1 степени Целзиусови. Претходниот рекорд од 1975 година беше 11 степени.

Туристички бум

Туристи од целиот свет доаѓаат во Рованиеми за да го видат волшебниот снежен пејзаж и да го искусат арктичкиот студ. Многумина исто така се надеваат дека ќе ги искусат спектакуларните бои на поларната светлина.

Минатата година градот имаше повеќе од еден милион ноќевања, што е најмногу досега. Исто така, посетителите кои сакаат да се сретнат со Дедо Мраз можат да го сторат тоа на неколку места во Рованиеми, вклучувајќи го подземниот забавен парк и блиското село на Дедо Мраз, кое е отворено во текот на целата година.

Во селото има и пошта, каде што џуџињата во црвени качулки вредно сортираат купишта писма упатени до Дедо Мраз.


„Во декември има околу 30.000 писма секој ден“, вели поштенскиот „елф“ Хајди Мустонен, која работи таму 20 години.

Повеќе од половина милион писма за Дедо Мраз пристигнуваат секоја година, додаде таа, нагласувајќи дека секое треба да се отвори и внимателно да се прочита.

Хајди рече дека ја сака топлата и радосна атмосфера во селото на Дедо Мраз, но дека би сакала да види малку снег за да ја разубави глетката.

„Да можеме, би ставиле снег насекаде. Но, ние сме само поштенски џуџиња“, рече таа.