Момче од Оклахома се јавило во полиција и побарало „итни крофни“, кои полицајците му ги доставиле на домашна адреса.
Полицијата во градот Мур на социјалните мрежи споделила аудиоснимка од разговорот меѓу момчето по име Бенет и операторот на итната служба.
Првично, момчето се јавило на бројот за итни случаи 911 и започнало да зборува несмасни реченици, а потоа ја спуштило слушалката. По неколку моменти, повторно се јавило. Тогаш му кажало на операторот дека има „итна потреба од крофни“.
„Итна ситуација?“, прашал операторот, на што момчето одговорило: „Крофни за итни случаи“.
Следниот ден, полицијата решила да му ја исполни желбата на детето, па полицајците му доставиле кутија со крофни на неговата адреса.
„Нè повикавте поради крофни. Дојдовме да ви донесеме крофни“, му рекол полицаец на момчето во видеото објавено на социјалните мрежи.
Полицајците ја отвориле кутијата, а момчето Бенет и неговиот брат си зеле по една крофна.
Според соопштението на полицијата, детето користело стар мобилен телефон кој, иако немал можност за фотографирање или пристап до интернет, сè уште можел да се поврзе со итните служби.
„Старите мобилни телефони можеби не можат да користат брзи мобилни мрежи, да фотографираат или да пуштаат музика, но сè уште можат да остварат повик до итните служби. Сè додека стариот телефон е функционален, може да се користи во итни случаи“, соопштила полицијата.