Еден турист при посета на плажа во Мајами пронашол прекрасно, но многу чудно суштество во океанот, со должина колку палец.
Бидејќи не бил свесен дека всушност, се работело за отровен морски змеј, го зграпчил и го ставил во сад од стиропор со малку солена вода.
„Мојот син и јас отидовме на двете платформи за спасување за да прашаме дали знаат што е тоа. Никој не знаеше“, се потсетил туристот во Фејсбук групата „Things in Florida“ и напоменал дека подоцна дознале дека суштеството е отровно.
Станува збор за синиот морски змеј, кој го носи латинското име „glaucus atlanticus“, а кој, како што кажа туристот, го вратиле назад во Атлантикот.
Тој сега ги предупредува другите да внимаваат на отровните сини змејови, кои пливаат на површината на океанот и се хранат со медузи.
Сините змејови, кои се поотровни од португалските медузи (man o‘ war) стануваат сè почести на американските плажи на пролет, со засилувањето на југоисточните ветрови, предупредуваат експертите.
Илјадници сини змејови испливаа на плажите ширум Тексас минатиот март, откако биле разнесени од силните ветрови од Мексиканскиот залив.
Во тоа време, поморските експерти ги предупредија посетителите на плажата да внимаваат да не ги газат суштествата со должина од неколку центиметри и да не ги допираат, бидејќи тоа може да доведе до болен убод.
„Постојат секакви приказни за луѓе кои случајно ги згазнале овие сини змејови или ги кренале, ги стиснале, а потоа биле боцнати“, изјави за „NBC News“, Џејс Тунел, морски биолог од Универзитетот во Корпус Кристи, Текасас.