Целиот свет зборува за овој автомобил: „Hipster“ ќе чини помалку од 15.000 евра?

Точка

08/10/2025

13:59

700

Големина на фонт

а а а

„Dacia“, буџетскиот бренд на „Renault“, го претстави „Hipster Concept“, прототип на нов електричен мини автомобил кој, според најавите, би можел да се продава по цена пониска од 15.000 евра.

„Hipster“ е мошне мал – долг е само три метри и тежи помалку од 800 килограми. За споредба, најкраткиот автомобил на европскиот пазар во моментов е моделот „T03“ на кинескиот „Leapmotor“, кој е подолг од „Hipster“ за 62 сантиметри.

„’Hipster‘ е концепт на смела визија на ’Dacia‘ за локална, пристапна и секојдневна мобилност. Ако се укаже можност овој модел да влезе во масовно производство – ние сме подготвени“, изјави претседателката на управата на „Dacia“, Катрин Адт, која неодамна дојде во компанијата од германскиот „Mercedes-Benz“.

Максимална брзина 90 km/h, автономија 150 km

Коцкестиот „Hipster“ има три врати, а неговата максимална брзина треба да изнесува околу 90 километри на час, со дострел на едно полнење на батеријата од 150 километри.

Според податоците од „Dacia“, просечниот сопственик на автомобил во Европа дневно поминува помалку од 40 километри, со просечна брзина од околу 56 km/h – бројки што го прават „Hipster“ идеален за секојдневна урбана употреба.


Минималистички дизајн и ниски трошоци

„Dacia“ максимално го поедноставила дизајнот на „Hipster“ за да ги намали производствените трошоци: автомобилот има седишта обложени со платно, минимална количина електроника, рачно подигање на прозорците, како и ленти наместо рачки за отворање на вратите.

Постои можност моделот да биде достапен на пазарот во само една боја – најверојатно сиво-сина, каква што има и прототипот.

„Едноставен и иновативен. Робустен изглед со карактер, прави линии и рамни стакла што го максимизираат внатрешниот простор: секој детаљ ја изразува функционалната едноставност. Повеќе од стил – тоа е ветување: безбедност, секојдневна практичност и удобност во внатрешноста, во препознатлив дизајн“, се вели во описот на „Hipster“ на официјалната страница на „Dacia“.


Просторен багажник и практична внатрешност

Концептното возило „Hipster“ е подеднакво прилагодено за градски, селски и приградски патишта. Дизајнирано е за секојдневна употреба и може да се полни преку обична домашна приклучница.

Од „Dacia“ наведуваат дека две полнења неделно се доволни за просечна дневна употреба.

„Hipster“ има 70 литри модуларен багажник, кој може да се прошири до 500 литри.

Интересниот систем „YouClip“ овозможува лесно прикачување на различни додатоци – како држачи за паметни телефони, чанти или чаши – и нуди широки можности за персонализација на внатрешноста.


Како до сериско производство?

„Hipster“ би можел да влезе во сериско производство доколку Европската унија одговори на повиците на некои производители и создаде нова категорија на мали градски возила.

„Renault“ и „Stellantis“ ја предводат кампањата насочена кон регулаторите на ЕУ за воведување посебна класа автомобили, слична на јапонските „Kei“ возила – компактни градски модели со ограничени димензии и сила на мотор, за кои важат пониски даноци и осигурителни трошоци.

Заговорниците на оваа идеја сметаат дека градските автомобили можат да бидат безбедни и без комплексна опрема, и дека тоа е единствениот начин да се намали нивната тежина и цена на производство.


Европа ја разгледува идејата

Уште во април, „Renault“ и „Stellantis“ почнаа поактивно да ја промовираат оваа категорија. Европските производители во последните години речиси целосно се откажаа од најмалите автомобили, оценувајќи ги како непрофитабилни, а вината ја префрлаат на строгата европска регулатива која ги прави возилата сè поголеми, потешки и поскапи.

Претседателот на управата на „Stellantis“, Џон Елкан, изјави во јуни дека Европа има потреба од своја верзија на јапонските „Kei“ возила, бидејќи тие сочинуваат околу 40 проценти од автомобилскиот пазар во Јапонија.

Иако малите автомобили денес претставуваат само 5 проценти од европскиот пазар (во 1980-тите тој удел бил речиси 50 проценти), експертите од индустријата сметаат дека нивната популарност би можела повторно да порасне ако се понудат нови модели.

Според проценките на „S&P Global“, продажбата во овој сегмент до 2030 година би можела да достигне 600.000 примероци годишно, што е за околу 20 проценти повеќе од 2024 година.

Производителите, обединети во асоцијацијата „ACEA“, лобираат за измена на регулативата „GSR2“, која ги одредува правилата за воздушни перничиња и безбедносни сензори. Тие тврдат дека трошоците за ваквите прописи, заедно со нормите за емисии, ја зголемуваат цената на секое ново возило за 850 до 1.400 евра, пренесува порталот „financije.hr“.


Цената на новите автомобили пораснала за 63 проценти

„ACEA“ смета дека ваквите правила не се неопходни за мали урбани автомобили, чија намена е исклучиво градско возење, и бара од Европската комисија воведување посебна категорија „MO“ или „е-автомобил“ за мали електрични возила.

Од Комисијата во јуни изјавија дека ја разгледуваат оваа иницијатива, но засега не е познато кога би можела да стапи во сила.

Во меѓувреме, „Hipster“ е еден од моделите со кои производителите сакаат да се подготват за таа можност.

Од „Dacia“ проценуваат дека просечната цена на новите автомобили од 2001 до 2020 година пораснала за 63 проценти, и дека европските купувачи итно имаат потреба од поевтини модели.

Меѓутоа, новата категорија возила што се разгледува ќе дојде со одредени услови.

„Регулативата најверојатно ќе бара овие модели да се произведуваат во Европа. Исто така, ќе треба да развиеме индустриски модел кој ќе оди рака под рака со вакви возила,“ изјави за „Reuters“ Дејвид Дуран, директор на дизајн во „Dacia“.