Златното правило на интернет купувањето гласи: ако нешто звучи предобро за да биде вистинито – најверојатно и е.
Познатиот тиктокер и јутјубер Картер Шерер неодамна платил 30.000 долари за да ја научи оваа лекција на потешкиот начин. Основачот на „TeamRAR“ решил да си ја проба среќата со „Bugatti“ огласен за само 30.000 долари на „Alibaba“, кинеска платформа за е-трговија.
Иако огласот изгледал сомнително, во него пишувало дека се работи за користено возило кое било „уредно“ одржувано, што го навело да помисли дека е на чекор до зделка на векот.
Секој што барем малку се разбира во автомобили знае дека „Bugatti“, како и неговите делови, не се евтини. Дури и оштетени примероци можат да достигнат цена од над 300.000 долари, па наоѓањето еден за десеттина од таа сума би требало да ги вклучи сите аларми. По неколкумесечно чекање на пратката од Кина, Шерер речиси ја изгубил надежта – сè додека на неговата адреса не пристигнала огромна кутија со слика од црно-црвено „Bugatti“.
По неколку неуспешни обиди да го отвори сандакот без да ја оштети содржината, тимот морал да употреби комбинација од електрични пили, одвртувачи и чекани. Во внатрешноста на цврстиот дрвен сандак се наоѓал добро запакуван автомобил – или барем нешто што по облик и големина потсетувало на автомобил.
Со отстранување на заштитната фолија и кафената хартија, се открила црно-црвената боја, токму како што било најавено. Картер и неговиот тим со возбуда ги отстранувале слоевите амбалажа, но набргу забележале дамки на бојата. Колку повеќе се откривал „автомобилот“, на нивните лица се појавувала сè поголема збунетост, сфаќајќи дека нешто сериозно не е во ред.
Секој што некогаш видел фотографија од „Bugatti“, било да е „Veyron“ или „Chiron“, веднаш ја препознава неговата карактеристична силуета. Она што се наоѓало во сандакот воопшто не личело на вистински автомобил. За да биде сосема сигурен, Картер ја отстранил заштитата од предниот дел и здогледал решетка каква „Bugatti“ никогаш не користел.
Тогаш станало сосема јасно – неговиот „Bugatti“ од 30.000 долари од „Alibaba“ бил целосно направен од пена, шуплив одвнатре и лошо обоен, со единствена намера од далеку да потсетува на вистински автомобил. Квалитетот на изработката бил толку слаб што репликата најверојатно не вреди ни колку амбалажата во која пристигнала.