[ВИДЕО] „Xiaomi SU7“ сам тргна од паркинг и стана вирален хит во Кина

Точка

07/10/2025

12:29

1.549

Големина на фонт

а а а

Едно утро во кинеската провинција Шандонг, паркираниот електричен седан „Xiaomi SU7“ одеднаш почнал сам да се движи. Во возилото немало возач, ниту пак некој управувал со него на далечина. Автомобилот мирно и бавно се придвижил, како да знае каде оди, додека неговиот сопственик и сопругата истрчале надвор обидувајќи се да го запрат.

Снимката брзо се појавила на интернет и станала вирален хит, претворајќи го првиот електричен автомобил на „Xiaomi“ во моментална сензација.

Компанијата реагирала веднаш и објаснила што всушност се случило. Според инженерите, автомобилот не „полудел“ ниту имал технички дефект – туку примил команда преку системот „Remote Parking Assist“ (RPA), функција која овозможува поместување на возилото на кратки растојанија со помош на паметен телефон.

Со други зборови, автомобилот ја извршил далечинската команда – само што овој пат тоа не било намерно. Подоцна компанијата потврдила дека записите покажале дека сигналот бил испратен од „iPhone 15 Pro Max“ во сопственост на корисникот, кој во тој момент бил во „Bluetooth“ домет и спарен со возилото, пренесува „Benchmark“.

„Xiaomi“ тврди дека системот не забележал никаква грешка и дека работел токму како што е предвидено. Сепак, инцидентот отвори расправа за границите на технологијата и прашањето на контрола: колку навистина „паметните“ автомобили се под контрола на своите сопственици?

Додека „Xiaomi“ ја забрзува својата автомобилска продукција и моментално склопува околу 30.000 возила месечно, овој необичен настан останува потсетник дека со брзиот технолошки напредок, уредите понекогаш делуваат како да имаат сопствена волја, пренесува „Supercar Blondie“.