Дронски снимки направени над селото Манван во Џјасинг, во кинеската провинција Џеџијанг, открија огромни „гробишта на електрични автомобили“, кои станаа симбол на брзиот подем и ненадејниот пад на кинеската индустрија за електрични возила. На прв поглед, изгледаше како да се работи за стотици нови автомобили кои никогаш не биле продадени, но подеталната анализа открива поинаква приказна.
Поголемиот дел од возилата се поранешни електрични автомобили користени во системи за споделување возила. Истражувањата покажуваат дека многу од нив носат јасни траги на употреба — од "aftermarket" седишта до нечистотија во внатрешноста — што укажува дека биле активно користени пред да бидат напуштени.
Причината за нивното напуштање лежи во пропаѓањето на стартапи за споделување електрични возила, како што е „Microcity“, кои не успеале да се одржат поради високите оперативни трошоци, недоволната побарувачка и конкуренцијата од поевтини алтернативи како електрични велосипеди и јавен превоз.
Кинеската влада со години нудеше субвенции за производство и купување електрични возила, што доведе до експлозивен раст на бројот на производители. Сепак, многумина не успеале да опстанат на пазарот – прекумерното производство и недостигот од долгорочна стратегија резултирале со илјадници напуштени возила ширум земјата.
Овие „гробишта“ на електрични автомобили денес служат како предупредување за ризиците од пребрз пазарен раст и за предизвиците со кои се соочува индустријата на електрични возила во Кина. Иако снимките изгледаат драматично, проблемот не е во самите возила или нивните батерии, туку во пазарните неуспеси и деловните пропусти кои стојат зад нив.