Како е можно „Audi“ кој се произведува во Кина да биде толку евтин?

Точка

06/10/2025

12:36

2.742

Големина на фонт

а а а

„Audi E5“ во Кина чини само 33.000 долари – еве што сè влијае на неговата цена.

Во Кина, „Audi“ го претстави новиот електричен модел „Audi E5 Sportback“, кој за само половина час собра повеќе од 10.000 нарачки.

Причината? Цената која повеќе наликува на понуда од јапонските брендови, отколку од германските премиум производители.

Почетната цена на „E5“ во Кина изнесува 235.900 јуани, односно околу 33.100 долари (28.200 евра). За таа сума, купувачите добиваат:

• батерија со капацитет од 76 kWh

• заден електромотор со 295 коњски сили

• автономија до 618 километри (според кинеските стандарди)

• дигитален кокпит, „Alcantara“ и кожа во ентериерот

• софтвер приспособен за кинескиот пазар

Помоќните (и поскапи) верзии достигнуваат и до 776 коњски сили.

Моделот се продава исклучиво во Кина, а наместо четирите прстени на предната маска, има натпис „AUDI“ – дел од новата стратегија на брендот насочена кон помладата и технолошки ориентирана публика.


Зошто е толку евтин?

Експертите наведуваат дека ниската цена не произлегува (само) од евтината работна сила, бидејќи таа сочинува околу 10% од вкупните трошоци. Вистинските разлики се:

• пониска цена на батериите во Кина

• поевтина електрична енергија

• поефикасно локално производство

• пониски даноци (10% во Кина наспроти 19% во Германија)

• производителите во Кина работат со помали маржи

Во Европа, истиот автомобил би чинел најмалку двојно повеќе.


Контраст со состојбата во Германија

Додека „Audi“ во Кина бележи огромен успех, германската автоиндустрија се соочува со сериозен пад:

• „Audi“ планира укинување на 7.500 работни места до 2029 година

• „Mercedes“ спроведува реструктурирање

• „Porsche“ го забавува развојот на електричните модели

• „BMW“ исто така ја намалува работната сила

Само во изминатата година, германската автомобилска индустрија изгубила над 50.000 работни места, а во споредба со периодот пред пандемијата – дури 112.000.


„Без кинеска стратегија – нема иднина“

Автомобилскиот аналитичар Фердинанд Дуденхефер смета дека овој потег на „Audi“ е сигнал за промена на правилата на игра:

„Ако ваквиот пад на цените од Кина пристигне и во Европа, а германските брендови не одговорат – купувачите ќе се префрлат на „Audi“ и другите кои нудат повеќе за помалку“, предупредува тој.

Тој додава дека иднината на автомобилската индустрија ќе се решава во Азија:

„Ако „Audi“, „BMW“ и „Mercedes“ не развијат јасна кинеска стратегија, ќе го изгубат глобалниот пазар. А без тоа – Германија повеќе нема да биде автомобилска сила.“

За сега, „Audi E5“ останува модел наменет само за кинескиот пазар, но е очигледно дека ваквиот потег радикално ги менува односите на силите во автоиндустријата – и го отвора прашањето: дали Европа може да одговори на ценовниот удар што доаѓа од Истокот?