Што се случува со Сардинија? Селата пропаѓаат, нема луѓе, а куќите се продаваат за 1 евро: „Последното дете се родило пред 10 години“

Точка

06/10/2025

21:30

1.024

Големина на фонт

а а а

Сардинија е еден од најубавите острови во светот, но прашањето е: каде се луѓето? Не зборуваме за туристи, кои ги има во изобилство, туку за локалното население.

Населението на островот се намалило на 1,57 милиони од 1,64 милиони пред три децении, а половина од населението живее во двата најголеми града, додека помалите градови и села полека исчезнуваат, пишува Политико.

Главниот проблем е демографскиот колапс. Со просек од само 0,91 дете по жена, Сардинија има најниска стапка на фертилитет во Италија, која самата по себе е меѓу најниските во Европската унија. За одржување стабилна популација, потребни се 2,1 дете по жена. Високата невработеност и потрагата по подобри можности на други мести дополнително ги празнат селата од млади луѓе.


„Последното дете овде е родено пред 10 години“, истакна Марија Ана Камеда, градоначалничка на Барадили, најмалото село во Сардинија со само 76 жители. Местото е толку мало што можете да прошетате низ него за неколку минути, но и покрај сè, уредно е и одржувано како голема семејна куќа.

Куќите се нудат за само едно евро, мигрантите го заобиколуваат островот

За да спречат места како Барадили да станат градови-духови, властите на островот се обидуваат да привлечат нови жители. Брачен пар кој ќе се пресели во сардиниското село со помалку од 3.000 жители може да добие до 15.000 евра за купување или реновирање на куќа, како и до 20.000 евра за започнување бизнис. Покрај тоа, постои месечен надомест од 600 евра за првото дете и 400 евра за секое дополнително дете до петгодишна возраст.

Овие мерки ги надополнуваат локалните иницијативи, како што е добро познатата понуда на општината Ололаи, која им нуди куќи на новодојденците за само едно евро. Меѓутоа и покрај стимулациите, мигрантите во голема мера го заобиколуваат островот. Странците сочинуваат само 3,3 отсто од популацијата на Сардинија, во споредба со националниот просек од 8,9 отсто.


Демографската зима на Италија, која е особено сурова во Сардинија, ја принуди владата на Џорџа Мелони да дозволи влез на 500.000 странски работници во земјата во текот на следните три години. Но, ситуацијата во малите заедници останува критична. Во Барадили, основното училиште било затворено пред повеќе од 30 години, а денес деца од неколку села посетуваат настава по ротациски систем, патувајќи секое утро со бесплатен автобус.

Најблиското средно училиште и болница се оддалечени повеќе од 30 километри.


Нов живот во срцето на островот

Додека многу млади Сардињани ги напуштаат своите села, некои странци ја избираат спротивната насока. Шпанскиот фотограф Иво Ровира случајно го открил селото Армунгија додека работел во Сардинија. Воодушевен од пејзажот на селото со помалку од 400 жители, тој решил да преземе акција.

„Го паркирав автомобилот и отидов на прошетка. Најдов куќа во историскиот центар со натпис „Се продава“. Десет дена подоцна, го платив депозитот“, рече тој. Тој и неговата сопруга, Ана Понсе, се преселиле трајно, ја реновирале старата куќа и отвориле ресторан. „Не се чувствуваме како дигитални номади; ние сме вистински Армунѓани“, додаде Ровира.


Бјанка Фонтана, Австралијка со италијански корени, има слична приказна, која по пандемијата сонувала да се пресели во Италија. „Купив куќа во рок од две недели. И се преселив тука околу шест месеци подоцна“, изјави Фонтана, која се населила во Нулви, место со околу 2.500 жители. Таа го документира својот нов живот на нејзиниот Јутјуб канал, каде што ги споделува своите искуства за реновирањето на куќите и животот на островот.


Има и такви што се враќаат. Марсело Конту ја напуштил Сардинија на 18-годишна возраст, живеел во Торино, Барселона и Австралија, пред конечно да се врати во селото Бидони со 120 жители и да започне со производство на вегански сирења. „Географската изолација и недостатокот на услуги се постојан практичен предизвик“, призна тој, но верува дека малите села нудат она што големите градови го изгубиле: „време, простори по мерка на човекот, автентични односи и силна врска со природата“, додаде Конту.

Реалноста зад куќите од 1 евро

Ололаи стана познат како град на куќи од 1 евро, проект започнат во 2016 година. Градоначалникот Франческо Колумбу рече дека околу 100.000 луѓе изразиле интерес, но само неколку странски семејства успеале да добијат куќа. Во меѓувреме, селото продолжило да губи жители.

Ана Марија Колавити, професорка по урбанистичко планирање на Универзитетот во Каљари, верува дека ваквите иницијативи сами по себе не се доволни. Нејзината студија покажала дека новите сопственици понекогаш го препродаваат имотот по иста цена бидејќи не можат да си дозволат неочекувано високи трошоци за реновирање.


Сепак, градоначалничката на Ололаи не се откажува. „Ололаи нема да умре толку лесно. Селата во внатрешноста на Сардинија преживеале полоши кризи, како што е чумата во 17 век, па сепак закрепнале“, истакна Колумбу. „Имаме подобар квалитет на живот и сме на еден час од најубавите плажи во светот. Велам дека убавите работи никогаш не умираат“, додаде таа.