Со доаѓањето на постудените денови, британска матична лекарка упати важен совет до граѓаните: сега е вистинското време да се зема витамин Д, кој игра клучна улога во зајакнувањето на телото и отпорноста на сезонските инфекции, како што се настинки и грип, пишува британски „Експрес“.
Д-р Ширин, лекарка од Британскиот систем за јавно здравје (НХС), која често ги споделува своите совети на социјалната мрежа ТикТок, истакна дека повеќето луѓе не можат да добијат доволно витамин Д од природни извори во текот на зимските месеци, особено од сончевата светлина. Затоа, таа препорачува земање додатоци на исхраната за телото да се заштити во текот на сезоната на вируси.
Зошто витаминот Д е толку важен?
Според зборовите на д-р Ширин, витаминот Д е единствениот додаток во исхраната што секој треба да го зема без исклучок.
„Повеќето од нас го добиваат витаминот Д од изложеноста на сонцето. Но, од октомври до март, деновите се пократки, а сонцето е послабо, па дури и ако сте цел ден надвор, нема да добиете доволно од овој витамин“, објаснила таа.
Д-р Ширин додала дека внесувањето на витамин Д е важно за сите, без оглед на возраста или начинот на живот. Неговиот недостиг го намалува отпорот на телото, што го зголемува ризикот од болести, особено во зима. Исто така, може да предизвика и непријатни несакани ефекти како што се хроничен замор, болки во мускулите и зглобовите, како и општо чувство на исцрпеност. Таа, исто така, нагласи дека многу луѓе не се свесни дека имаат недостиг од овој витамин. Лекарката особено нагласила дека луѓето кои го поминуваат поголемиот дел од денот во затворен простор треба да земаат витамин Д во текот на целата година.
Препораки на здравствениот систем
Советите што ги дала д-р Ширин ги потврдува и официјалната веб-страница на британскиот НХС. Таму се наведува дека сите граѓани треба да размислат за земање дневен додаток на витамин Д во текот на есенските и зимските месеци. Оваа препорака особено се однесува на ризичните групи, како што се малите деца (од една до четири години) и доенчињата, на кои им се препорачува да земаат витамин Д во текот на целата година.
Иако имало шпекулации дека витаминот Д може да го намали ризикот од зараза со коронавирус, НХС наведува дека во моментов не постојат доволно научни докази за да се поддржи употребата на овој витамин исклучиво за превенција или лекување на ковид-19.
Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) препорачува внес од 600 IU (15 мг) дневно за здрави луѓе, а максималниот дозволен дневен внес за здрави луѓе е 4.000 IU (100 мг) дневно. Во текот на потоплите месеци, од март до септември, повеќето луѓе можат да ги задоволат своите потреби за витамин Д преку редовно изложување на сонце. Но, во постудениот дел од годината, тоа повеќе не е можно, а витаминот Д е тешко да се внесе во доволно количини само преку исхраната.
Пред да почнете со земање суплементи, секогаш се препорачува да се консултирате со вашиот матичен лекар, особено ако имате какви било здравствени проблеми или земате други лекови.