Жителите на Амстердам „презаситени од сè“: Го тужат својот град поради масовен туризам

Точка

06/10/2025

17:42

536

Големина на фонт

а а а

Поради големиот број туристи што го посетуваат Амстердам, куќите и јавните згради се претворени во сместувачки капацитети за изнајмување, тротоарите се едвај проодни, локалните продавници познати со децении се претворуваат во продавници за сувенири. Градот полека ја губи својата амстердамска атмосфера.

Иако градската власт се борела со разни мерки против прекумерниот туризам (забрани изградба на нови хотели, зголеми дел од даноците …), тоа не беше доволно, бидејќи бројот на туристи што го посетуваат градот се зголеми. Затоа локалното население решило да реагира и да се побуни, одлучувајќи се за идеја каква што Европа досега не видела – ја тужеле градската власт.

Имено организацијата „Амстердам има избор“ (Amsterdam Heeft een Keuze) поднела тужба против градот на 22 септември, откако собра речиси 50.000 евра од своите поддржувачи. На нивната веб-страница, тие истакнаа што им пречи.


Групата го обвини градот Амстердам дека не се придржува до регулативата од 2021 година, која го ограничува бројот на ноќевања на туристите на 20 милиони годишно. Правилата наведуваат дека ако бројот на посетители достигне 18 милиони, општинската власт мора да преземе мерки за да спречи градот да ја достигне границата.

Меѓутоа, локалните извештаи велат дека официјалните бројки покажуваат дека бројот на ноќевања во Амстердам достигнал 22,9 милиони во 2024 година – што е надминување на ограничувањето и зголемување од три отсто во однос на претходната година.

„Жителите на Амстердам се презаситени од сè. Насекаде се гледа влијанието на масовниот туризам врз градот: локалните продавници отстапуваат место на продавници за сувенири. Куќите и јавните згради се претворени во хотели, а едвај може да се оди по тротоарите поради долгите редици. Градот постепено ја губи својата единствена амстердамска атмосфера“, велат од организацијата.


Градот Амстердам веќе вовел некои мерки во обид да го ограничи влијанието на туризмот

Заедно со уредбата за ноќевање, властите во Амстердам ветија дека ќе ги ограничат моминските забави, ќе ги ограничат речните крстарења, ќе ги претворат хотелите во станови или канцеларии и ќе го забранат уличното пушење канабис во делови од центарот на градот.

Амстердам, исто така, има воведено туристичка такса, при што посетителите кои ноќеваат плаќаат 12,5 отсто од сметката за соба, а оние кои патуваат на еднодневни крстарења плаќаат 14,50 евра.


„Бројот на ноќевања во последните три години надмина 20 милиони, многу повеќе од ограничувањето пропишано од градот, а општините не направија ништо. На Амстердам му недостасува простор за домување, предлогот е парите од зголемувањето на туристичките такси да се искористат за изградба на нови станови. Важно е градот да се ослободи од прекумерната количина ѓубре што е на улиците, што е една од последиците од прекумерниот туризам“, изјави Јаспер Ван Дајк, кој е и еден од потписниците на тужбата.

Организацијата наведува дека 30.000 жители на Амстердам веќе потпишале петиција во корист на усвојување конкретни планови и политики за ограничување на масовниот туризам. Тие исто така наведуваат дека градската влада технички веќе има политика за ограничување на бројот на туристи годишно, но тврдат дека не се спроведени никакви практични промени.


Групата нагласи дека не е против посетителите генерално, туку се спротивставува на масовниот туризам и сака потребите на жителите подобро да се земат предвид.