Фасцинантен е фактот што овој огромен тунел е изграден најголем дел со голи раце од луѓе. Целата структура преживеала речиси 2000 години без оштетувања...
Трагите од моќниот Рим се простираат многу подалеку од Италија, долж целиот Медитеран. Ако се упатите кон исток, покрај ориенталната архитектура и богатата историја на некогашното Отоманско Царство, ќе уживате и во остатоците од римската ера – во величествени градби стари две илјади години, како што е тунелот „Vespasianus Titus“.
Овој антички тунел, сместен во близина на денешна Антиохија во Турција, е подигнат во подножјето на планината Нур, некаде во првиот и вториот век од нашата ера. Градењето траело долго – започнато е од римскиот цар Веспазијан, а го продолжиле неговиот син Тит Флавиј и наследниците додека не го довршил царот Антонин Пиј. Нивните имиња се врежани во карпите на тунелот.
Тунелот бил изграден како систем за пренасочување на водата која настанува од топење на снегот од планините, што често предизвикувала поплави во низините и го загрозувала блиското пристаниште. Браната што ја пренасочува водата е висока 16 метри, а целиот комплекс е долг повеќе од еден километар.
Највпечатлив е фактот што овој огромен тунел е изграден речиси целосно со голи раце. Опстојува речиси 2000 години без значајни оштетувања и денес претставува жив сведок на вештината на римските инженери и на моќта на Римското Царство.
Вистински Медитеран
Во близина на тунелот се наоѓа и природна лагуна во која се собирала вода, која потоа се користела во летните и сушни месеци. Денес, оваа локација е популарна меѓу туристите и локалните посетители, па околу неа има уредени патеки за прошетка, стари гробишта кои можат да се посетат, како и мали продавници со лековити тревки и природни масла.
Атмосферата е типично медитеранска – камен, ниска вегетација, маслинови дрвја, магариња и поглед кон морето. Тунелот сè уште е активен во мала мера – низ него тече поток покрај кој може да се прошетате.
Ако посакате да отседнете тука, ќе ве израдува фактот што нема скапи хотели кои „штрчат“ во овој мирен предел – сместувањето е скромно, во помали хотели или скромни „домашни“ апартмани по пристапни цени.
Совршен агол на светот за патување низ времето – во мир, тишина и сенка под моќните карпи.