Белите триаголници се исцртани од внатрешната страна на линиите што ја означуваат границата на сообраќајната лента. Поради формата потсетуваат на заби, а создаваат впечаток дека патот се стеснува – што ги тера возачите да возат повнимателно.
Дали некогаш сте слушнале за обележувања на патот кои ги принудуваат возачите да ја намалат брзината? Во Шпанија, каде што веќе се во употреба на неколку локации, велат дека се поефикасни од многу други мерки за ограничување на брзината.
Децении наназад, сообраќајните експерти истражуваат начини да го намалат бројот на несреќи, да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги натераат возачите да се придржуваат до пропишаните правила.
Како дополнување на веќе познатите методи како што се радари, „лежечки полицајци“, полициски патроли и високи парични казни, во Шпанија се користат и генијални ознаки на патиштата кои влијаат на човечката перцепција. Станува збор за оптички илузии – нешто што во сообраќајот не е ново, бидејќи веќе постојат 3D обележја пред пешачки премини кои ги тераат возачите да ја намалат брзината.
Сепак, Шпанија донесе одлука да воведе една специфична оптичка илузија на патот, наречена „змејски заби“.
Белите триаголници се исцртани од внатрешната страна на линиите што ја означуваат границата на сообраќајната лента. Поради формата изгледаат како заби, а како што пренесуваат странските медиуми, ваквите обележја веќе се појавија во многу шпански градови, вклучувајќи ги Бургос и Мадрид. Тие создаваат впечаток дека патот се стеснува, па возачите возат повнимателно.
Првите извештаи покажуваат дека бројот на несреќи на локациите каде што се применети овие обележја е намален, бидејќи возачите, поради впечатокот дека патот се стеснува, возат побавно и со поголемо внимание.