Ќе правиме „многу емотивни“ електрични спортски модели.
Иако закоравените љубители сметаат дека електричните автомобили не можат да понудат иста емоција како моделите со мотори со внатрешно согорување, „Mercedes“ преку своето „AMG“ одделение го тврди спротивното.
Целта е децениското искуство да се пренесе во новата ера на електричните возила.
Во интервју за „WhichCar“, шефот на „AMG“ во заминување, Михаел Шибе, откри дека неговиот тим работи на развој на EV-перформанси кои ќе вклучуваат симулирани промени на брзини и вештачки V8 звук, за што биле ангажирани и експерти од музичката индустрија.
„Важно е возачот да ја почувствува врската со автомобилот – емоцијата мора да постои, дури и кај електричниот модел“, изјави Шибе.
„AMG“ истовремено работи и на сосема нов V8 мотор, кој треба да пристигне во 2027 година – со поголема моќност, помала потрошувачка и усогласеност со „Euro 7“ нормите.
Се очекува овој мотор да остане во понуда сè додека има побарувачка, особено надвор од Европа, каде што забраните за моторите со внатрешно согорување ќе дојдат подоцна.
Додека електричните автомобили, како што е концептот „AMG GT XX“, таргетираат нова публика, љубителите на класичните V8 машини сепак имаат причини за оптимизам.
„Mercedes“ планира паралелно да развива и спортски електрични и бензински модели, со цел да ги задоволи двете групи купувачи.
Регулативите и даноците веќе ги насочуваат производителите кон електрификација, па се очекува и конкуренцијата – како „BMW“ и „Audi“ – забрзано да воведува хибриди и електрични модели.